1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

„Рамковниот договор ќе го дореализираме“

Интервју за Дојче Веле на Никола Груевски.

Никола Груевски во предизборната кампања

Никола Груевски во предизборната кампања

Дојче Веле: Господине Груевски добивте легитимитет на релативно коректни демократски избори и во јавноста веќе се прават паралели. Се вели дека на Македонија и е доволно од харизматични политичари от типот на Бранко Црвенковски, актуелен претседател, Вашиот претходник Љубчо Георгиевски на чело на ВМРО ДПМНЕ. Сега на чело на владата доаѓа технократ. Политичар кој ќе менаџира со владата, дали тоа Ви годи или Ви е критика?

Никола Груевски: Морам да Ви кажам дека ми годи. Јас се чувстувам како таков, техократ. Не го кријам тоа, и воопшто ниту се срамам , напротив дури се гордеам, поради тоа што технокаратзимот тоа значи луѓе политичари, кои својата работа ја базираат врз образование, врз наука, врз точни стандарди и норми, кои бараат точни и прецизни со бројки резултати и чекори.

Донесовте една млада екипа. Пред се’ зборувам за ешалонот на ВМРО, но за првпат улсовно кажано носите Македонци странци. Дали е тоа конекција со дијаспората, хрватскиот модел или очекувате дека тие личности кои се докажале, нешто ќе придонесат во менаџирањето со македонската политика.

ВМРО ДПМНЕ е партија која има многу тесни врски со македонската дијаспора и редовни контакти. Јас како опозиционер, но и претходно, честопати патував во дијаспората, на големи собири со нив, на многу разговори, на поединечни средби и видов дека таму има многу луѓе Македонци кои навистина се многу способни , зошто нeкои од нив да не ги вклучиме во развојот на земјата. Ако навистина се толку способни и успеале во најсилната држава на светот, во Америка на пример, успеале во едни најсилните институции таму, значи не во која било, зошто некој да не им даде шанса да помогнат во развојот на Република Македонија. Тоа беше идејата од која појдов.

Македонската јавност очекува од идниот премиер доминација на економските теми. Меѓународната јавност очекува од македонскиот премиер како ќе се позиционира во однос на актуелните состојби во регионот. Прво прашање: Што со Косово? Останувате ли на тврдата линија во која Македонија не треба да се меша околу статусот на Косово?

Тоа не е тврда линија, по мене тоа е нормална линија. Значи ние ќе се мешаме само ако има загрозување на нашите интереси. Тоа да, ќе се мешаме. Меѓутоа ние не управуваме со процесот на решавање на финалниот статус на Косово. Со него управува меѓународната заедница, значи не треба да се преценуваме, дека сме некој многу јак фактор. Не сме ние многу јак фактор но треба да си ги гледаме нашите можности и нашите ситуации, и да не дозволиме нешто да се влоши во Македонија. Да не претеруваме, ние не сме ги решиле нашите проблеми, а не ќе ги решаваме на другите држави.

Стравувате ли од независно Косово?

Мислам дека ако меѓународната заедница отиде кон таа варијанта, независно Косово, таа сигурно ќе обезбеди гаранции за регионот, да нема понатаму проблеми од кои би требало да стравувам.

Дали би го почитувале веќе започнатиот процес во кој Македонија експресно ја призна независноста на Црна Гора истото се случи и во однос на претпоставениот државнички статуис на Косово?

Доколку разговорите за финалниот статус на Косово што ги води меѓународната заедница со Приштина и Белград завршат во тој правец, дека Косово ќе добие независност и тоа го потврдат ОН тогаш да, може да бидеме првата земја, која во една таква ситуација и такви услови ќе го признае Косово како држава, ако дојде до тоа. Ако дојде до друга варијанта, исто така ќе ја почитуваме таа друга варијанта.

Македонија има европски апсирации. Од јужниот сосед и натаму има разновидни притисоци од типот, да за европската перспектива на Македонија но се додека не се реши спорот околу името Грција може да става вето и блокади. Дали останувате уште на таа релација, во која на пример заговаравте декларација за зачувување на името, референдум итн. Дали тој тип на надворешно – политичка ориентација кон Грција ќе го сочувате како премиер?

Извадете ги снимките од времето кога зборував за референдумот, и ќе видите дека кажав дека ова е последната година кога може да се направи такво нешто. Веќе подоцна, тоа ќе биде тешко да се направи. Такашто кога зборував за тоа, зборував зсамо за таа година.

Како ќе го решаваме спорот околу името?

Спорот со името е постар од 15 години во Република Македонија. Тоа е проблем повеќе на Грција отколку на Македонија, но сепак станува проблем и на Македонија доколку Грција почне да ја користи својата позиција во Европската унија и на други места, правејќи и штети на земјата. Како и да е, јас имам став дека ние треба да ги развиваме одностите со Грција, пред се ’ економските но и политичките односи. Тие се сосед, кој може многу да ни помогне. Градејќи добрососедски односи може да помогнеме регионот да стане постабилен и посигурен за инвеститорите. Меѓутоа сепак ние имаме уставно име во Република Македонија. Во земјата нема клима за менување на уставното име. Не постои таква клима за менување на името меѓу народот, и ниедна влада неможе да оди против вољата на граѓаните. Тоа значи дека ние со Грција треба да ги продолжиме разговорите и да најдеме заедничко решение кое, колку толку ќе ги задоволи нив, меѓутоа нема да го загрози уставнотот име на Република Македонија. Повторувам во оваа прилика дека Македонија нема никакви негативни интенции, намери или било што доколку го задржи своето уставно име. Нашата цел е како држава да пораснеме економски, да станеме членка на НАТО и членка на Европската унија. Што значи ќе бидеме во иста држава и ќе делиме исти вредности со Грција. Нема простор за никакво стравување.

Досега Европската унија ни ја даде шансата, ни додели кандидатски статус. Очекувате ли дека до крајот на годината би можеле да добиеме некаква виза за евентуална нова наредна фаза, а тоа е да добиеме и конкретен датум за преговори за кандидатскиот статус?

Дали тоа ќе биде наредната година, неможам со сигурност да знам. Сеуште не сум влезен во владата и не ги знам сите детали, што обично ги знаат само луѓето од владата. Можам само да се надевам дека наредната година ќе добиеме датум. Не очекувам оваа година да добиеме датум, но за наредната година имам надеж дека ќе биде така. Но се додека не влезам во владата неможам со сигурност да гарантирам какви се состојбите и какви може да бидат очекувањата. Како и да е ние ќе работиме со сите сили, максимално, со многу труд и енергија да направиме што е можно побрзо, подобар живот за граѓаните, а со тоа и да се квалификуваме за Европската унија. Затоа што Европската унија практично она што го бара од нас е да си го подобриме живеењето во Македонија, да ги подобриме законите, да го подобриме стандардот, да го намалиме криминалот итн.

Битката против криминалот, деновиве не ви излегува од уста ни како лидер на ВМРО ДПМНЕ ниту како мандатар. Дури и во изјавата по составувањето на владата еден од приоритетите е битката против корупцијата и криминалот. Мислите ли дека со странец државен обвинител би можело тоа да се реши?

Прво морам да кажам дека тоа го кажав уште пред изборите на митинзите во Прилеп, Битола најавив и кажав пред целиот македонски аудиториум дека за позицијата јавен обвинител ќе бараме најдобро можно решение кое немора да е од Македонија. Тоа е меѓу другото е и нешто што е најавено пред изборите, и сум избран со таква можност дека тоа ќе го направиме. Не е нешто што е политика после изборите. Второ не е поентата дали тој е странец или не. Поентата е да обезбедиме личност, која ќе биде со такво искуство и реноме што го нема никој во Македoнија. Личност што се борела со мафија и што станала славна во својата борбата против криминал, корупција и мафија во друга држава, и личност што има такв искуство, таков кредибилитет и што не е подготвена да си го наруши на крајот на својaта кариера тој кредибилитет. Станува збор за барање на екстра квалитет, затоа што сандардите се прилично ниски во Република Македонија кога се зборува за оваа позиција. Сакам да изградиме многу повисоки стандарди па макар во еден одреден период тоа да биде и човек кој ќе дојде од страна. Таков човек бараме, сеуште не сме стапиле во контакт со никого. Имаме листа на досега десетина можни кандидати, веројатно таа листа ќе ја прошириме во наредните денови, а потоа ќе почнеме со стеснување на листата. За да најдеме кредибилна личност кој изградил кариера и слава. Да се изгради слава треба некој да е стручен и да има карактер кој е неподмитлив.

Господине Груевски доаѓате во владина коалиција со ДПА. Со старото друштво. ДУИ прави притисок да се врати во владата, но тоа е веќе свршена работа, интегративците остануваат во опозиција. Дали мислите дека овие закани за радикализиација, за поништување на уставните решенија за Бадинтерово правило, за институционална криза би можеле да Ве дестабилизираат на почетокот, или Македонија да ја воведат во внатрешно политичка криза?

Не јас не очекувам дестабилизација на Македонија. Можеби ДУИ ќе оди кон некои чекори што се недозволени, но мислам дека ќе направат проблем пред се’ за себе. Тоа не е добро но сепак мислам дека кај нив ќе преовлада разумот. А разумот е дека треба да се почитуваат уставот и законите. Како што ги почитував јас кога бев во опозиција, така треба и ДУИ да ги почитува сега. Се’ што направивме досега беше по закон и по устав. На редовни избори, во сосема легитимна законска процедура, без ниедна забелешка за ВМРО ДПМНЕ, ВМРО победи на овие избори. На таков начин го водам и периодот додека сум мандатар. Не постои законска обврска дека ДУИ мора да влезе во владата. Друг е разговорот зошто не ги земавме за парнери? Можеби во некое друго време и друго интервју, но се што беше направено досега е во согласност со уставот и законите кои што ги креирале вклучително и ДУИ.

Мислите ли дека може да биде доведено во прашање реализирањето на Рамковниот договор? Остануваат уште неколку законски проекти, и многу поважно имплементирање во животот!

Нашиот став и пред кампањата и сега е ист. Она што е преостанато не многу но колку толку, незавршено или неимплементирано од Рамковниот договор ние ќе го завршиме. Независно дали ќе биде ДУИ или ќе биде ДПА или некоја трета партија, затоа што цениме дека тоа е доборо за државата, за граѓаните на оваа држава вклучително и за Албанците во Република Македонија, така што нема сомнение околу спроведувањето, односно довршувањето на Рамковниот договор.

Што би можел да очекува македoнскиот граѓанин, не само Вашиот гласач? Што е тоа што би можело да биде економски порелаксирано, во очекување дека оваа ситуација на стагнација ќе се надмине?

Има плејада на мерки со која ќе влеземе. Ги имаме опишано и во нашата програма и треба да донесат до поголема конкурентност на македонските локали компании, но и поголема атрактивност на Македонија за доаѓање на странските компании, односно странскиот капитал. Покрај ова ние ќе имаме многу поагресивен пристап кон привлекување на инвеститорите, преку ангажирањето на многу консултантски куќи кои ќе бидат вклучени во оваа операција, преку ангажирањето на два министра кои ќе имаат исклучива задача да се занимаваат со донесување на странски инвеститори. Да донесете голем инвеститор. За тоа сепак е потребно време. Од разговорот со него, до моментот на одлуката има доста месеци што треба да поминат. Знаете да е донесе одлука во некоја друга држава да се изгради фабрика и да се вложи огромен дел од својот заработен капитал е работа што не се прави преку ноќ. Ние тој процес ќе гом почнеме веднаш и очекуваме по еден разумен период да имаме резултати за тоа.

  • Датум 16.08.2006
  • Автор Разговорот го водеше Александар Чомовски
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/Ac41
  • Датум 16.08.2006
  • Автор Разговорот го водеше Александар Чомовски
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/Ac41