1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рамковниот договор- коридор за Македонија до ЕУ

„Целосното спроведување на Охридскиот договор е од клучно значење за евроатлантската иднина на Македонија“. Ова е една од суштинските констатации на меѓународната конференција која се одржува денеска (20.6) во Тетово.

default

Тетово

Американскиот олеснувач во тогашните преговори меѓу македонската и албанската страна Џејмс Пердју на конференцијата во Штуловиот универзитет во Тетово, по повод 10-те години од потпишувањето на Рамковниот договор, со кој се заврши конфликтот во 2001 година, рече:

„ Рамковниот договор е големо наследство не само на Македонија, туку и на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави, на односите меѓу Брисел и Вашингтон, кои за првпат во 2001 година заеднички дејствуваа во запирањето на конфликтот. Овој договор може да послужи како начин како ЕУ и САД треба да дејствуваат, за да се разрешуваат конфликтите и во други региони во светот.“

Ференц Кекеши, амбасадорот на Унгарија, која во овој момент претседателствува со ЕУ, во дебатата кажа:

Scharmützel in Mazedonien

Охридскиот договор му стави крај на конфликтот во Македонија во 2001 година

„Иако спроведувањето на Рамковниот договор ја прави Македонија стабилен партнер на Европската Унија, сепак, иднината на тој договор и натаму зависи од континуираниот и ефективен дијалог меѓу различните сегменти на општеството и од начинот на размислување околу тоа кои ќе бидат можните придобивки од неговото спроведување.“

Што ако и натаму се блокира евроинтеграцијата?

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на панел-дебатата во Штуловиот универзитет ја изнесе својата дилема што може да се случи во Македонија, ако се блокира и натаму евроатлантската интеграција на земјата:

„Се поставува прашањето дали тоа нема да ги загрози веќе постигнатите добри ефекти од Охридскиот рамковен договор, или, ајде пошироко да говориме, од создадениот соживот и толеранција на меѓуетнички план во Македонија. Рамковниот договор го спроведуваме ние, граѓаните на оваа земја, не меѓународните чинители, тие само ни помогнаа да го постигнеме Охридскиот договор. Никој не може во никоја земја да донесе мир.“

Претседателот на ДУИ Али Ахмети укажа во која насока ќе се залага неговата партија околу натамошната примена на рамковниот договор:

„Една од точките, во која се разликуваме со своите ставови од другите, и каде што и натаму постои потреба за мотивирање и охрабрување е службената употреба на албанскиот јазик. Тој јазик во Македонија е, исто така, службен заедно со својата азбука.“

Mazedonien

Џејмс Пердју десно и Франсоа Леотар (лево) сликани во 2001 година при пристигнувањето на скопскиот аеродром заедно со тогашниот Генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон

Конференцијата продолжува утре во Скопје

Поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски напомена:

„Денеска, кога албанските аналитичари и албанските политичари зборуваат за некакво проширување, за корпус на нови барања, мислам дека е време Македонија да го добие легитимитет дека договорот е спроведен. Останува уште можеби само делот за правчната застапеност на албанската етничка заедница. Во две области имаме исполнување и на нешто што не беше меѓу договореното и потпишаното во рамковниот: двојазичноста во Скопје и начинот како е спроведена територијалната децентрализација на земјата.“

Оваа дебата за досегашните 10 години од спроведувањето на Охридскиот договор, но и што со него во следната деценија, продолжува утре и на Државниот универзитет во Скопје.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски