1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рама ја искористи платформата за поени во Албанија

Арманда Хиса: Интервенцијата на Рама беше мешање во внатрешните работи на Македонија, наменета за албанската јавност. Функционерите на партиите на македонските Албанци беа злоупотребени во политичката криза во Албанија.

Дојче веле: Дали националистичкиот бран што тргнува од Тирана, преку Скопје и Белград до Загреб, е последица на изневерените очекувања на граѓаните или, пак, политичките елити по 15-20 години повторно се вратија на испробаниот метод за да ја зачуваат или да ја освојот власта?

Арманда Хиса: Јас мислам дека второто е поверојатно. Има еден вид раширување на национализмот во балканските општества, но тој е тивок. Кога политичките елити мислат дека се делегитимирани поради тоа што не ги прават вистинските работи во општеството и во економијата, тогаш тие ги придвижуваат овие чувства меѓу населението. Во случајот на Албанците овој вид национализам изгледа дека доаѓа од Тирана. Тешко е да се даде одговор зошто, бидејќи граѓаните Албанци во Македонија, албанските граѓани во Косово не гласаат во Албанија. Но, има една специфика во врска со Албанците. Премиерот во Тирана се смета како „премиер на сите Албанци“, па ако направите притисок во Албанија против него, луѓето во Косово и Албанците во Македонија може да реагираат на овој начин: зошто вие го напаѓате премиерот? Тоа создава одреден притисок врз Албанците во Албанија од луѓето во Косово и Албанците од Македонија, дека жителите на Албанија не се грижат премногу за нивниот премиер. Тоа е еден вид стратегија на луѓето кои не гласаат во Албанија, а прават притисок врз албанските настани.

Тоа може да биде разбирливо за Албанците во Македонија. Но што е со Косово, тоа е независна држава, која има и претседател и парламент и премиер. Зошто тие да се поставуваат во подредена позиција?

Во Косово не може да се игнорира романтизираниот поглед на Албанија како татковина- мајка. Во таа романтизирана слика објаснувањето е вакво: ние станавме независна држава затоа што тоа беше единствената опција која беше прифатлива од меѓународната заедница. Но, би било најдобро да сме заедно со Албанија.  Овој сон, да се биде дел од Албанија, е уште од пред 100 години. Тие не можат да се соочат со тоа на разумен начин. Во практиката знаат дека тоа не може да се случи. Барем не во наредните 50 или 100 години. Секој го знае тоа, и логички и рационално. Но тие не сакаат да му се спротивстават на сонот што го имале и го имаат. Затоа тие ја гледаат Албанија како татковина-мајка. Затоа тие ги гледаат претседателот и премиерот на Албанија како поважни од оние што ги имаат во сопствената држава. И знамето на Албанија го гледаат како вистинското знаме. И химната на Албанија за нив е вистинската химна. Тоа е ментален процес, не може да се промени за десет години, бидејќи во него има голема историја. Кога Сали Бериша беше премиер, беше многу тешко во Косово тој да биде критикуван. Бидејќи тој е „премиерот". Сега Бериша е во опозиција, па Еди Рама е добриот и вистинскиот. Тоа нема врска со луѓето туку со романтизираната идеја за функцијата.

Дали политичките елити ги делат тие романтизирани идеи?

Во Косово не, никако. Освен движењето Самоопределување, кое игра на националистичките чувства.

А што е со политичките елити на македонските Албанци?

Мислам дека и тие не ги делат тие ставови. Политичките елити на македонските Албанци се повеќе поврзани со оние на Косово, отколку со политичарите од Албанија. Вестите што во албанските медиуми пристигнуваат од Македонија се минимални. Навистина има многу малку врски меѓу албанското општество и Албанците во Македонија. Со Косово е поинаку, врските се поголеми.

Изгледаше дека по неколкуте историски средби на Еди Рама и Александар Вучиќ е урната една голема брана за справување со историските предрасуди, дека тоа е почеток на ново време меѓу двете земји. Но сега наеднаш се отвори нов проблем меѓу два соседи – Албанија и Македонија. Не можат ли повеќе добри нешта да постојат во исто време на Балканот?

Средбите што се случија меѓу Рама и Вучиќ се дел од Берлинскиот процес. Тие не дојдоа од потребата на Албанија или Србија да имаат подобри односи. Секој е многу свесен дека ни треба економска соработка, особено за транспортот, патиштата... Овие средби беа од многу техничка природа. Така што слонот во собата, тоа е Косово, не беше ни споменат. Историскиот конфликт не беше споменат, а слонот е сѐ уште во собата. Но, ни требаат патишта, на српската страна ѝ треба врска со морето, на Албанија ѝ требаат врски со српските бизнисмени. Постои свест дека границите треба да бидат пропустливи, барем што се однесува до економската соработка. Има проекти што се поставени на хартија и треба да се реализираат во некоја иднина. Но, овие средби не беа вистинско помирување. Јас никогаш не ги гледав овие средби како процес на градење доверба.

Albanien Armanda Hysa Anthropologin (Privat)

Арманда Хиса

Како дојде до политичкиот проблем меѓу Македонија и Албанија?

Тој дојде од никаде. Од 2001 година наваму односите меѓу Македонија и Албанија се добри. Не се сјајни, но се добри.  Албанија има многу повеќе проблеми со Грција, отколку со Македонија. Ова дојде навистина од никаде. Мислам дека сето тоа е поврзано со внатрешните проблеми на Албанија од 2016 година до денес, кога почна политичката криза околу реформата на судството. Кога Рама почувствува дека може да биде делегитимиран, тој се обиде да ја искористи кризата во Македонија во своја корист.

Може ли една платформа толку многу да ги влоши односите меѓу две земји?

Ако земјата е во криза, таква една платформа може да ги влоши односите. Се сеќавам во 2012 година, кога се прославуваше стогодишнината од независноста на Албанија, имаше една изјава на Сали Бериша и спикерот на албанскиот парламент, Јозефина Топали, и се сеќавам дека кога таа дојде во Скопје во Собранието кажа нешто националистички глупаво. Бидејќи во Македонија немаше криза, а љубовта меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на највисок степен, а Груевски и Бериша добро се разбираа, тие изјави немаа никакво влијание во односите меѓу двете земји. Но сега кризата во Македонија е многу голема, па и изјавите на политичари од втор или трет ранг, како онаа на Мерсила Дода, може да го рашират огнот. И од мали нешта може да има последици.

Јасно е зошто на Никола Груевски му е потребно да ја демонизира платформата на албанските партии, но на македонската јавност не ѝ е доволно јасно зошто на Еди Рама му беше потребно покровителство на една таква декларација. Дали само поради изборите во јуни?

Оваа интервенција на Рама е мешање во внатрешните работи на Македонија. Во некои други околности тоа немаше да предизвика последици. Но собирањето на албанските партии во Тирана, како ним да им е премиер Еди Рама, како да се дел од албанската држава, а не дел од македонските институции, е многу симболичен акт, па дури и да немаше никаква платформа. Тие како да дојдоа кај Кумот. Овој симболичен чин е ставање на носот онаму каде што не треба, во внатрешните работи на друга земја.

Но, зошто беше направено тоа? Затоа што и во Албанија има сериозна криза. Имаме проблем со канабисот како никогаш досега. Во овие 27 години демократија Албанија секогаш беше коридор за дроги. Но никогаш голем произведувач. Повеќе години канабисот се произведуваше во околината на Ѓирокастро, во Лазарат. Во 2013 година го затворија Лазарат, двајца полицајци беа убиени. Оттогаш секаде во Албанија, од северните високи планини до полињата на југот, канабисот се произведува насекаде. Веќе нема сериозно производство на жито, на компири, домати... Полињата со канабис се шират од северот кон југот. Видливо е дека производството на канабисот е контролирано од владини канали. Секои две до три недели се откриваат нови лаборатории за дроги. На политичко ниво проблем беше со реформата на судството. Таа беше направена без учество на опозицијата, Демократската партија. Таа реформа треба да биде во корист на Еди Рама за да ги контролира судиите и да ги елиминира оние кои што не се по негова волја. Имаше голем притисок од меѓународната заедница врз Демократската партија да ја прифати оваа реформа, бидејќи сите пратеници требаше да гласаат за неа. Венецијанската комисија интервенираше во овој проект и прифати повеќе забелешки на опозицијата. Кога лани во јуни овој предлог на реформата, кој го напиша Венецијанската комисија беше договорено да оди на гласање во Собранието, на еден час пред гласањето се испостави дека пред пратениците е ставен, всушност, првиот предлог на Рама а не изменетиот. Предлогот повторно одеше назад во Венецијанската комисија, но опозицијата има проблем што Рама е миленик на Меркел и на европските комесари. Најпосле, генералната рамка за реформи на судството беше изгласана, со забелешките на Демократите. Два закони поминаа, но во третиот Рама го направи она што сакаше да го направи. Но тогаш Демократите рекоа – не, и сега се на протести пред зградата на владата.

Сите тие работи - канабисот, отсуството на договор меѓу власта и опозицијата околу изборите и реформата на судството, кулминираа во февруари кога оваа платформа на албанските партии во Македонија стана многу видлива. Рама сакаше да наметне мислење во албанската јавност дека лидерот на Демократите, Љуљзим Баша, е во координација со Груевски за да ја направи Албанија кршлива во една поширока мрежа на антиалбанско движење, заедно со Вучиќ, Ердоган и Путин. Рама тоа го претстави како работа на нацијата, а не на институциите. Кој го брани Рама, тој ја брани и нацијата.

Тоа значи дека функционерите на партиите на македонските Албанци биле злоупотребени заради внатрешните прилики во Албанија?

Апсолутно.

А не обратно?

Да, не обратно. Луѓето во Македонија веројатно немаат доволно информации за тоа.

Дали Баша ја поддржа или ја премолчи оваа платформа, или ја оцени како лош потег за односите со Македонија?

Не, тој не ја осуди, затоа што ќе беше оквалификуван како противник на албанските интереси. Тој се обиде да еквилибрира, тој не кажа дека платформата е лоша работа, ниту пак дека Рама направил добар потег.

Дали откако Албанија е членка на НАТО е возможно да се оствари проектот на некои националистички кругови за „голема Албанија“? И тоа без војна.

Не. Тоа прашање, всушност, и никогаш не беше отворено.  Тоа е завршена приказна. Тоа го знаат луѓето што знаат што е НАТО. Обичните луѓе што не разбираат што е НАТО може сѐ уште да ги имаат тие романтизирани идеи. Но, тоа е не е возможно. Партиските луѓе се обидуваат да играат на ова незнаење на обичните луѓе што значи НАТО. Но, тоа е крај, од тоа не може да има ништо.

Мислите ли дека за да се намали оваа тензија би било потребно Рама да излезе со изјава во која ќе го намали значењето на платформата и јасно ќе каже дека не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија?

Тоа би било многу корисно. Тој е многу добар оратор и може да  ги најде вистинските зборови како да го каже тоа. Да ги каже зборовите на помирување, без да предизвика разочарување дека ги предал Албанците. Тој има можност да го направи тоа, но фактот дека не го прави е само поради внатрешната криза во Албанија. Знам дека некои од политичките партии на Албанците во Македонија се свесни дека тој потег не беше корисен за нив, но сега не можат да се повлечат. Тие веќе ја преминаа реката и мора да најдат друг начин како да се справат со проблемите што се родија и веројатно тоа да го направат преку рамката на Уставот – што е возможно да се оствари, а што не. Мислам дека тие ќе најдат решение тоа да се стави во прифатливи рамки кога ќе биде формирана владата во Македонија. Како што во Македонија секогаш се решаваат проблемите, така ќе се решат и сега, без влијание однадвор.

 

Арманда Хиса е антрополог од Тирана која ги прочува етничките односи на Балканот. Таа има направено историско и антрополошко истражување за перцепцијата на нацијата и татковината меѓу Албанците во Македонија. Работи во Институтот за културна антропологија во Тирана, важи за одличен проучувач на национализмот на целиот Балкан.

 

 

DW.COM