1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Рама денеска со одлука за сириското оружје

Албанскиот премиер Еди Рама попладнево (15.11) ќе ја соопшти одлуката на Владата за американското барање - сириското оружје да биде уништено во таа земја.

На својот профил на Фејсбук албанскиот премиер Еди Рама напиша: „Денеска во 17 часот јавно ќе го претстават својот став по прашањето на хемиското оружје“. Тој додава дека се‘ уште не донесол никаква одлука по тоа прашање.

Американскиот амбасадор во Тирана Александер Арвизу синоќа на една албанска телевизиска станица изјави дека Вашингтон ќе биде разочаран доколку Албанија одбие да го уништи сириското хемиско оружје на своја територија.

„Ги дадовме сите објаснувања и ги понудивме сите можни гаранции. Се надеваме на позитивна одлука на Албанија, но ако таа биде негативна, јасно е дека ќе ја почитуваме иако ќе бидеме разочарани“, рече Арвизу.

Албанската влада е соочена со демонстрации против уништувањето на сириското оружје на територија на Албанија. Стотици демонстранти ја минаа ноќта пред зградата на Владата, а од изутринава во повеќе албански градови протестираат повторно илјадници луѓе.

Според резолуцијата на Советот за безбедност на ОН усвоена во септември, цело сириско хемиско оружје, проценето на илјада тони, мора да биде уништено до 30 јуни наредната година.