1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Рама го доби мандатот за составување на владата на Албанија

Албанскиот претседател Бујар Нишани денеска му го додели мандатот за состав на нова влада на Албанија на Еди Рама, лидер на левичарската коалиција, која победи на парламентарните избори на 23 јуни годинава.

Согласно албанскиот Устав, шефот на државата му го доделува мандатот за формирање влада на лидерот на партијата што има најмногу пратенички места во Парламентот.

Рама (49), кој е лидер на Социјалистичката партија и поранешен градоначалник на Тирана, набрзо по јунските избори го соопшти составот на неговиот иден владин кабинет, кој ќе брои 20 члена.

Албанскиот Парламент денеска треба да избере свој претседател и потпретседатели. Согласно коалицискиот договор, нов претседател на Парламентот треба да биде Илир Мета, лидер на помалиот партнер на социјалистите, Социјалистичкото движење за интеграција (МСИ).

Според најавите, Парламентот за изборот на новата влада најверојатно ќе се изјасни в четврток (12.09.2013 година).

Рама вчера вети дека новата влада ќе работи за побрзо приближување на Албанија кон ЕУ. Коалицијата на Рама освои 83 пратенички места во 140-члениот албански Парламент, додека досега владејачката Демократската партија на сегашниот премиер Сали Бериша и другите десно ориентирани партии има 57 мандати. Албанија, на која Брисел веќе двапати не и’ додели кандидатски статус за членство во ЕУ, се надева дека него ќе го добие до крајот на оваа година.

Поврзана содржина