1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Рамазан - предизвик за муслиманите во Германија

За околу четири милиони муслимани во Германија утрово (20.07.2012) започна месецот на постот Рамазан. За нив тоа годинава ќе значи 18-часовен пост секој ден - за вработените и младите вистински предизвик.

Од изгрејсонце до зајдисонце без јадење и пиење и тоа 18 часови дневно, цел месец. Тоа е реалноста за муслиманите кои живеат во Германија за време на месецот на постот Рамазан. Најубавиот месец во годината, „султанот“ меѓу останатите месеци во исламскиот месечев календар, но истовремено период на големи искушенија. На високи температури тоа е борба против жедта. Замореност и слабост го отежнуваат секојдневието, пушачите се воздржуваат се‘ додека постот навечер не се прекрши со цигара или урми. Од секојдневните обврски меѓутоа и покрај постот не можат да се откажат.

Fastende Muslima Umm Aziz

Ум Азиз - во некои професии постот е особено тежок

Ум Азиз има 33 години и веќе 15 години живее во Германија. Првите години и тука го издржувала постот. Но колку подолго живее во Германија, толку е потешко за неа.

„Оваа година ќе биде многу тешко. Морам се‘ да успеам: да ги згрижам децата, да ги реализирам термините на училиште, работата, да пазарам. Најчесто попладне одам да работам во ресторан, потоа морам да ги подготвам јадењата за прекршување на постот вечерта. Нашите муштерии, многумина се Арапи, и тие постат и навечер доаѓаат овде да јадат. Се надевам дека до крај ќе можам да го издржам месецот на постот“.

Во последните години не секогаш успевала. Но годинава таа сака да успее, меѓу другото, и поради децата. Ако таа не успее, ќе се чувствува лошо, кога на крајот на Рамазан сите муслимани ќе го слават Рамазан Бајрам и со тоа ќе постигне мал триумф над сопственото его.

Ramadan Fasten Haider Omar

Хаидер Омар како гастроном не може да си дозволи да пости

Хаидер Омар веќе една година работи во гастрономија. Како сопственик на ориентален ресторан во Келн овој Рамазан нема да пости: „Сите јадења морам и да ги вкусам, тоа не можам да им го препуштам на моите соработници, инаку нашите јадења нема да го имаат истиот вкус како и секогаш. Поради ова годинава не можам да постам“.

Во немуслиманските земјите како Германија недостасува и еден одлучувачки момент: влијанието од другите луѓе кои постат, се чини дека тоа им го олеснува постот на верниците во муслиманските земји и покрај неподносливата горештина во пустинскиот регион.

Кога сите постат, продавниците се затворени до вечер и никој не јаде и не пие на улица, тогаш тоа е олеснителна околност.

Иако месецот на постот Рамазан е еден од петте носечки столбови на исламот, сепак постојат исклучоци за луѓето, кои поради посебни животни околности не можат да постат вели имамот Ерол Пирли од Сојузот на исламски културни центри во Келн.

Ramadan Fasten Imam Erol Pürlü

Имамот Ерол Пирли

„Во исламот важи основното правило, она што еден човек не може да го направи, тоа Господ нема да му го нагрби. Во Коранот на пример од постење се изземени лицата кои патуваат или се болни. Освен ова ,постојат исклучоци за мајки кои дојат, за бремени жени и за хронично болните.“

И за децата и за младите постојат специјални правила, дополнува имамот:

„За постот важна е и религиозната зрелост. Тоа може да се достигне на 13, 14 или 15 години. Исламските учени лица религиозната зрелост ја поистоветија со пубертетот. Но децата можат уште порано да се воведат во постењето“, вели имамот Ерол Пирли и дополнува дека од религиозен агол тоа во прва линија е верски обред, при кој муслиманите се повикани за време на месецот Рамазан да постат.