1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Рамазан Бајрам да ја зајакне меѓусебната почит

Муслиманите во Македонија и во целиот свет денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, со воздржување од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служеше утрински Бајрам-намаз.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот. Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Во текот на Рамазанкиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога мулсиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

DARF NICHT MEHR VERWENDET WERDEN: Bildergalerie Ramadan Afghanistan

Eдномесечниот пост опфаќа воздржување од храна и пијалоци од зора до зајдисонце

Денеска по повод Рамазан Бајрам претседателот на Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до македонските граѓани со исламска вероисповед.

„Честитајќи го големиот верски празник Рамазан Бајрам, празникот на возвишеноста, молитвата, љубовта, хуманоста, истрајноста и посветеноста, би сакал да го потенцирам придонесот на Исламската верска заедница во градењето на соработката помеѓу сите религиски заедници во Република Македонија. Уверен сум дека нашиот заеднички стремеж е просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, како и јакнењето на меѓусебното почитување и соживотот, како стожерни вредности на нашето општество“, стои во честитката на Иванов.

„Најискрено посакувам големиот празник на сите верници да им донесе многу мир во душата, благодет во семејствата, среќа во заедницата“, додава Иванов.

Честитка до ИВЗ и верниците денеска испрати и претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

„Имајќи во предвид дека Рамазан е најсветиот месец во исламот, време на духовно и телесно прочистување, посакувам на Вас и на Вашите семејства да Ви донесе мигови на среќа и благосостојба. Испраќајќи Ви најискрени честитки, ја изразувам својата убеденост дека овој значаен исламски празник, заедно со заложбите на Исламската верска заедница придонесуваат за поголема религиозна и етничката толеранција, како и меѓусебното почитување, кои не обединуваат во заедничкиот стремеж за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија“, се вели во честитката од претседателот на македонското Собрание.

Честитка од премиерот до поглаварот на ИВЗ и граѓаните од исламска веросиповед вчера испрати и премиерот Никола Груевски.

„И оваа година, со завршувањето на рамазанските пости во најсветиот месец за Вас - Рамазан, започнуваат големите Бајрамски празнувања. И оваа година, нека Ве води бајрамската молитва, нека Ви донесе многу убави нешта, нека ја истакне солидарноста и милостивоста, нека ја зајакне меѓусебната почит и толеранција, нека донесе добри дела и убави мисли“, порача Груевски.

„Долгата традиција на празнување и хуманистичките традиции на исламските празници во Македонија, од секогаш биле повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани. Уверен сум дека, како и досега, така и во иднина, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за унапредување на меѓусебните односи кои традиционално се одвиваат во духот на меѓусебното разбирање и толеранција и ќе продолжиме да создаваме вредности и дела за иден просперитет и развој на нашата држава, за овозможување на дополнителни услови за економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, создавање можности за напредок на сите граѓани на нашата држава, и изградба на модерна и силна Република Македонија, дел од европските и евроатлански интеграции“, стои во пораката на премиерот Никола Груевски, кој на граѓаните од исламска вероисповест им посакува „добро празнично расположение и убава домашна атмосфера“.