1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометот ќе функционира на поинаков начин

Најавуваните кадровски промени во Ракометната федерација на Македонија почнаа да се реализираат. Живко Мукаетов, познатиот стопанственик е новиот претседател. Мукаетов најавува нов курс во работењето на РФМ.

default

„Ракометот е спортската гордост во државата. Спорт во кој имаме огромни потенцијали и од аспект на генетиката на нашите луѓе и од она што досега е направено. Со инвестирање во една  добра база, со мотивирање на младите да се бават со овој спорт и со добра организација во работењето, можеме да постигнеме уште подобри резултати. По природа сум “борец“ и ќе  се потрудам РФМ да функционира на малку поинаков начин, со дефинирани одговорности.“

Како новиот претседател го гледа моментот на своето влегување во македонскиот македонскиот ракомет?:

„Да бидам искрен, моментот е специфичен. Среде циклус сме од квалификациите за наредното Европско првенство.Многу е важно да се пласираме за да го задржиме континуитетот на учество на македонската репрезентација на големите натпреварувања. Патот до ЕП во Данска е долг и тежок. Интересите на репрезентацијата се главниот приоритет и со помош на клубовите треба да направиме се за успех на националниот тим.“

Без нереални ветувања

Не е тајна дека сеуште тлеат недоразбирањата на релација РФМ и играчи, иницирани од одредени  неисполнети ветувања. На кој начин новото раководство ќе го надминува овој проблем:

„Ќе се обидеме колку е можно овие наследени релации да ги изгладиме. Она

што ќе се вети да се исполни, а од друга страна да не се ветуваат нереални работи. Треба цврсто  да стоиме на нозе и да останеме на нозе на крајот од денот.“

Лидерското место во македонскиот ракомет го имаат два клуба, Металург и Вардар. Но, од поодамна клупското ривалство поприма елементи и на меѓусебен антагонизам. Мукаетов вели дека ќе се обиде да влијае врз ваквата состојба:

„Мојата идеја е нивниот антагонизам да го претвориме во , конструктивно ривалство.Ќе се обидам позитивно да влијаам, колку ќе успеам во тоа, останува да видиме.“

Ревитализација на традиционалните центри

Две лица во моментов има македонскиот клупски ракомет. Светлото се Металург и Вардар со капацитет  за забележителни дострели во Европа. Второто, ни малку розово се состојбите во Битола, Велес, Прилеп, Богданци, Струга, некогаш истакнати ракометни центри, а сега многу маргинализирани. Дали во плановите на РФМ има  простор за нивно ново кревање?

„Потребна ќе биде заедничка стратегија на РФМ, на Агенцијата за млади и спорт и на локалната самоуправа. Секој од овие три сегменти треба да даде свој придонес. Само така може да се оствари добитната комбинација,овие центри да го вратат стариот квалитет.Кој и да било од овие три сегменти, ако потфрли,тешко

е да се очекува поквалитетен исчекор.Тоа ќе е долгорочна работа, која не може да се оствари во кус рок.“

За разлика од своите претходници, Живко Мукаетов се фаќа во костец со предизвикот од еден поинаков агол, без поголема клупска обоеност. Дали ваквата , неутрална позиција ја чувствува како своја предност во водењето на македонскиот ракомет?

„Влегувам од апсолутно неутрална позиција. Прв интерес ќе е државниот ракомет,нашата репрезентација. Нема да бидат запоставени и клубовите. Ќе ги подржуваме колку што е можно.Но, повторувам, главниот приоритет ќе го имаат националните селекции“, вели за Дојче веле новиот претседател на РФМ, Живко Мукаетов.