1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометот перјаница, фудбалот на маргините

Минува спортската 2013. година. Беше ли македонскиот спорт впечатлив сегмент во годината која е во заминување? Зошто ракометот останува македонската спортска перјаница, а фудбалот и натаму е резултатски маргинален?

Ретки беа моментите за восклик, за радост која спортскиот подвиг може да ја предизвика. Македонскиот спорт зад себе остава резултатски неуверлива година. Имаше и позитивни исклучоци.

Настанот на годината беше првото учество на Македонија на Медитеранските игри во Мерсин. На турското крајбрежје отпатува бројна делегација од 150 спортисти, кои ги исковаа и првите медали: еден сребрен и четири бронзени во борење и во бокс. Машката ракометна репрезентација играше на Светското првенство во Шпанија, кошаркарската беше учесник на Европското првенство во Словенија. Поединечно, Димитар Ѓорѓиев го освои златниот медал на светското првенство во кик-боксинг, Илина Арсова се искачи на Монт Еверест, Перо Антиќ стана првиот Македонец кој зачекори во магичниот свет на НБА лигата...

Ракометна константност

Исполнети сали, навивачка еуфорија, резултатска конкурентност! Ова беше амбиентот во кој се сменуваа настапите на ракометната репрезентација на Македонија и на екипите на Металург и Вардар во Лигата на ракометните шампиони. Ракометот и натаму ги освојува срцата! Наумче Мојсовски, еден од најдобрите македонски ракометари смета дека постои добар резултатски континуитет:

„Учествувавме на Светското првенство во Шпанија, ја минавме групната фаза, а потоа бевме елиминирани од Германија. Успешно ги минавме квалификациите, ни претстои учество на Европското првенство во Данска. На клупски план Металург се крена високо, само еден чекор не делеше од учество на завршниот турнир од Лигата на шампионите. И оваа година обезбедивме пласман во нокаут фазата“.

Mazedonien Fußballnationalmannschaft

Фудбалската репрезентација на Македонија

На клупски план и Вардар станува респектабилен состав. Женскиот „тим од сништата“ веќе се избори за место вочетвртина финалната рунда од Лигата на шампионите, а и ракометарите на Вардар се на добар пат во најелитниот европски куп. И Зомимак, новиот ракометен центар од Струмица ќе презими во Европа во Купот на ЕХФ.

На што се должат ваквите ракометни резултати? Горан Ѓоргоновски, екс-репрезентативец, а сега со одговорна функција во Металург зборува за патот до успехот:

„Нашата определба беше да ги цениме и почитуваме македонските играчи со тоа што ќе бидат и соодветно вреднувани. Нормално, сето тоа е надополнето со странци со висок квалитет. Во однос на буџетот со кој располагаме, тој е 2-3 пати помал во однос на водечките европски екипи.

Но, создадовме услови и атмосфера, ја привлековме публиката и сето тоа придонесува често да излегуваме како победници против објективно посилни и финансиски помоќни од нас.Таквата атмосфера се пренесува и во настапите на репрезентацијата на Македонија.“

Фудбалско сивило

Какви се пораките што ги праќаше македонскиот фудбал во 2013-та година? Најчесто беа разочарувачки! Репрезентацијата на Македонија беше последна во квалификационата група за Светското првенство. Во европските купови само Хоризонт Турново го мина првото елиминационо коло. Вардар, Металург и Тетекс брзо беа елиминирани. Празни стадиони, лоши услови за игра, мал број на квалитетни играчи во домашното првенство. Тоа е слика која со години не се менува. Игор Ангеловски, искусен фудбалски работник, во моментов тренер на Работнички смета дека нештата треба да се менуваат:

„Потребна е многу постудиозна работа. Да се подигне квалитетот пред се‘ во клубовите, а тоа сигурно ќе се одрази позитивно и врз репрезентативните селекции. Пред се‘, треба многу повеќе да им се посвети внимание на младите фудбалери. Да им се даде поголема шанса во клубовите. Можеби сите ние можеме одредени позитивности да превземеме од ракометот, без разлика што е тешко да се компарираат фудбалот и ракометот. За мене, добар пример е Металург. Има одлични млади ракометари со голема минутажа, а странците што ги носат се светска класа. Во фудбалот неопходни се и поголеми финансиски вложувања, да влезат повеќе моќни спонзорски фирми. Тоа е шансата македонскиот фудбал може да стане конкурентен.“

Вратата на спортската 2014 година ќе ја отвори одбојкарската репрезентација на Македонија , која на 3-ти јануари во Ниш ќе стартува на завршниот квалификациски турнир за Светското првенство. Македонските одбојкари против себе ќе ги имаат селекциите на Србија, Португалија и Словенија. Победникот на турнирот ќе патува на светското првенство.