1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометен танц во Скопје

По напорните тренинзи и анализирањето на противникот, на скопски Металург му успеа да го надигра францускиот клуб Иври. Еден од инспираторите на играта беше Стевче Алушевски.

default

Кога саботното надигрување во Скопје меѓу Металург и Иври заврши, семафорот покажуваше малку очекуван резултат, 34:25 за Металург. Французите со наведнати глави ја напуштија салата, целосно надиграни во првиот натпревар од третата рунда на Купот на ЕХФ. Ракометарите на Металург, пресреќни ја славеа големата победа над претставникот од земјата-светски и европски првак и олимписки шампион истовремено.

Еден од инспираторите на ракометниот танц во Автокоманда беше највозрасниот, 38 годишниот Стевче Алушевски: „Ова е само одраз на извонредната работа како на тренинзите, така и на натпреварите низ домашното првенство. Го анализиравме Иври, ги проучивме нивните добри и лоши страни, и едноставно ги декласиравме со 9 разлика. Можеше разликата да биде поголема, но јас сум задоволен и мислам дека сите во нашиот тим се задоволни.“

Металург како македонски првак не успеа да ги мине квалификациите во Лигата на шампионите. Според Алушевски, бројните повреди, некомплетноста оневозможи посугестивни настапи во најсилното ракометно натпреварување: „Едноставно не можеме да изиграме еден меч со комплетната постава, онака како што посакуваат и замислуваат нашиот тренер и нашата управа. Тоа се случува како на европски, така и на домашен план.“

Доверба од Металург и селекторот на македонската репрезентација

Stefce Alusevski

Стевче Алушевски

Летото изненадувачки беше трансферот на Алушевски во Металург по речиси една деценија стаменост во дресот на Вардар. „Причината беше едноставно што луѓето од Вардар сметаа дека не можам да одговорам на барањата на модерниот ракомет. Меѓутоа јас сум бескрајно благодарен на луѓето од Металург и Лино Червар, кои што веруваа во мене и ми дадоа уште една шанса. Се надевам дека во моментов ги оправдувам нивните очекувања и довербата што ми ја дадоа во преодниот рок.“

Алушевски ја има довербата и на селекторот на македонската репрезентација, која е со добри шанси за пласман на европското првенство. „Мислам дека на репрезентативен план имам да одиграм уште една година, па потоа светот останува на младите. Се надевам дека ќе ме послужи здравјето и дека ќе успееме да се пласираме во Србија. На тоа Европско првенство можеби ќе биде збогум доколку не успееме да се пласираме на Олимпијадата во Лондон, што искрено и потајно се надевам.“

Стевче Алушевски веќе размислува играчката кариера да ја замени со тренерската. Но, најнапред вели дека ќе си приушти емотивно патешествие. Во Сиднеј, во Австралија каде што е роден, а уште како дете е дојден во Македонија. „Моите планови сепак се врзани за Македонија. Можеби би отишол во Австралија на една прошетка да се запознаам со мојата родна земја, бидејќи бев многу мал кога се вратив во Македонија. По завршувањето на кариерата прво ќе прошетам до Австралија, па потоа се надевам дека ќе направам успешна тренерска кариера.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска