1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометарките учеснички на ЕП во Холандија

По 4 години, женската ракометна репрезентација на Македонија се пласира на завршниот дел од Европското првенство во Холандија. Завршниот исчекор беше направен во Скопје со победата над Турција со 26:24.

default

Со истекот на завршните секвенци од победничкиот дуел со директниот конкурент Турција, во салата Кале во Скопје се активира ерупцијата на радост. Македонските ракометарки заедно со преполното гледалиште, го прославија пласманот на Европското првенство во Холандија.

Гино Стрезовски ги водеше македонските репрезентативки низ квалификациите, во кои покрај Турција во групата беа и Франција и Литванија. Македонскиот селектор вели: „ги демантиравме сите скептици, кои беа околу нас на патот до Холандија!“

„Навистина сум пресреќен што оваа генерација успеа да се пласира на Европското првенство. Иако морам да напоменам дека мал број на новинари веруваа во тоа. Ние докажавме дека со срце, со игра и со добра подготвеност можеме да се пласираме на едно вакво големо натпреварување.“

Билјана Црвенковска, една од креаторите на играта на Македонија, натпреварот со Турција да се биде или не, го опишува како, психолошки исклучително тежок:

„Таму зaгубивме со 8 разлика. Да се победи на еден натпревар откако претходно си загубил е навистина тешко. Турција е многу добар противник, одлично не познава, но на овој натпревар мислам дека победи подобриот, а тоа бевме ние.“

Клучна беше победата над Франција

Црвенковска смета дека, клучна за успехот беше сепак победата над моќната Франција во Скопје:

„Таа победа ни значеше многу. Мислам дека таа победа беше клучна за нашиот пласман на ЕП.“

Gino Strezovski Handballtrainer Mazedonien

Гино Стрезовски

Следи новата етапа, подготвка за европското првенство. За очекувањата ќе може да се разговара дури откако ќе бидат познати противниците. Во составот нема да биде Јулија Николиќ, која против Турција со 10 постигнати голови ја заврши репрезентативната кариера.

„Јулија Николиќ ни соопшти дека веќе нема да настапува за репрезентацијата, но се согласи да дојде да ни помогне во овие натпревари. Можам да и ветам на целата јавност дека Македонија на ЕП нема да биде аутсајдер. Рано е да ветиме ’ридови и долини’, но дека секогаш ќе го оставиме срцето на терен и дека ќе бидеме сериозни, тоа е сигурно“, вели Стрезовски.

„Се надевам дека ќе ја минеме групната фаза. Сеуште не знаеме кои ни се противници, а познато е дека Европското првенство е скогаш поквалитетно дури и од светското“, истакнува Црвенковска.

Успехот како поттик за натаму

Пласманот на Европското првенство ќе е нов поттик за равој на македонскиот женски ракомет, сметаат нашите соговорници:

„Со самото учество на ЕП голем број на деца ќе влезат во оваа цела машинерија наречена женски ракомет. Добар број на клубови, како Металург, Вардар сериозно работат со младинци, такашто верувам дека женскиот ќе тргне од мртва точка“, коментира македонскиот селектор.

„Мислам дека ова е голем чекор затоа што во моментов настапуваме без натурализирани Македонки. Ова е генерација од која што треба да потекне иднината на македонскиот женски ракомет и да може подобро да се работи со идните генерации“, заклучува Црвенковска.