1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометарките на потег!

Денеска (03.12) во Србија започнува 10-то Европско првенство за ракометарки. Македонија ќе игра во групата во Ниш, во која се и селекциите на Франција, Шведска и Данска.

Женската репрезентација на Македонија го одржува континуитетот на учество на големите ракометни настани. Петти пат ќе е дел од европската елита. Последниот свој настап во 2008-та година Македонија го заврши на 7-то место. Селекторот Гино Стрезовски и капитенот на македонскиот тим Тања Андреева, пред кои е големиот натпреварувачки предизвик, зборуваат за Дојче веле пред патот во Ниш:

„Европското првенство е предизвик за секој спортист, кој тоа го доживува како врв на својата кариера, особено во ракометот, каде што најголемиот дел од врвниот квалитет е концентриран токму во Европа. Затоа Европското првенство претставува огромен предизвик“, вели Стрезовски.

Иако со големо натпреварувачко искуство зад себе, и Андреева со возбуда зборува за учеството на Европското првенство:

„Сите сме по малку еуфорични, нестрпливи да дојде тој вторник, кога ќе стартуваме. Шест месеци се подготвуваме за ова Европско првенство и знаеме што не‘ очекува таму.“

Селекторот Стрезовски вака ја оценува подготвеноста на екипата:

„Петте одиграни натпревари во подготвителниот период ни дадоа доволно добра слика за тоа што треба да искорегираме и се надевам дека сето тоа ќе резултира со успешни игри на сите три натпревари во Ниш.“

Андреева вели дека подготвеноста секогаш може да биде и подобра, но кога се игра на Европско првенство, со борбеност и желба може се да се надополни:

„Мислам дека физички можевме да бидеме и подобро подготвени, но кога ќе излеземе на трен во тие 60 минути ќе заборавиме дали некому му недостига кондиција или не! Ќе дадеме максимум од себе да извојуваме барем една победа.“

Франција е фаворит во групата, Шведска е шансата за успех

Првото утрешно излегување на мегдан, ќе значи и соочување со еден од големите фаворити за медал - селекцијата на Франција. Македонија во квалификациите за ЕП играше во групата со Франција и ја победи во Скопје. Стрезовски има дополнителни информации за составот на Франција:

„Франција ја победивме во Скопје, но сега е посилна. Им се врати Пино, среден бек и носител на играта на Франција. Во разговор со нивниот селектор не кријат дека имаат големи амбиции, одат на освојување медал и тоа златниот! Се подготвуваат многу сериозно, но и ние сме подготвени. Еднаш ги победивме во Скопје, зошто не и вторпат, иако тој натпревар ќе биде исклучително тежок.“

Pressekonferenz Handball Team Skopje EM Serbien Gordana Naceva Sportdirektorin Gino Strezovski Trainer

Од прес-конференцијата пред заминувањето за Србија

Андреева не сака да дава прогнози пред овој меч: „Не би сакала да давам резултатски прогнози. Факт е дека Франција е фаворит во групата. Според мене, таа е и главен кандидат за златниот медал.“

Стрезовски, реалната шанса за пласман во наредниот круг ја гледа во натпреварите против Шведска и Данска:

„Јас лично, уште во следниот натпревар против Шведска гледам голема шанса да освоиме два бода, кои ќе бидат доволни за обезбедување влез во вториот круг и пат во Белград.“

Македонија во Ниш патува некомплетна. Елена Георгиевска неодамна се повреди, а Даниела Новеска ќе отсуствува поради бременост. Тања Андреева вели дека сепак треба да се верува во овој македонски состав:

„Нашата сила е во хомогеноста. Откако сум капитен, секогаш изјавувам дека нашата репрезентација ја краси убава атмосфера, играме еден за друг, се поддржуваме меѓу себе, не постои зборот нетрпеливост или конкуренција и тоа ќе биде силен фактор за да постигнеме успех.“

Се очекува голем број македонски навивачи да отпатуваат во Ниш и да и дадат поддршка на репрезентацијата на Македонија, да создадат атмосфера каква што беше во јануари оваа година, кога играше машката репрезентација и го освои 5-то место.