1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометарите на подготовки во Пореч

Светското ракометно првенство, од 11 до 27 јануари во Шпанија, е првиот голем настан за македонскиот спорт во 2013-та година. Во Пореч, Хрватска, македонските репрезентативци ги започнаа подготовките за мондијалот.

Отпатуваа на брегот на Јадранот да ја коваат формата за исклучително инспиративното натпреварување. Носени од сеќавањата на 2009-та, кога беа дел од Светското првенство во Хрватска и со добри игри ја кренаа нацијата на нозе. Но, и со обврската да го задржат реномето на 5-та ракометна сила на последното Европско првенство во Србија. Селекторот Звонко Шундовски со објаснување, зошто токму Пореч е првата подготвителна база.

„Пореч го избравме пред се поради климатските услови, кои таму владеат. Светското првенство се игра во Шпанија, земја со топла клима. Очекуваме слични климатски услови да имаме и во Пореч и успешно да го одработиме тој прв дел од подготовките“, вели Шундовски.

Недоразбирањата се надминуваат, атмосферата се подобрува

Последните репрезентативни настапи на Македонија минаа во атмосфера на антагонизам предизвикан со неисполнетите финансиски обврски на Ракометната федерација кон играчите. Шундовски вели дека проблемот полека се надминува:

„Тој проблем полека се надминува, атмосферата се подобрува. Услов за да имаме успешен настап на Светското првенство е пред се’ да имаме добра атмосфера и хомогеност во репрезентацијата“.

Handball Europameisterschaft Mazedonien Tschechien

Македонскиот тим се надева на успех на првенството

Објавувањето на списокот од 20-те ракометари за завршните подговки за мондијалот беше проследен со изненадување и бранувања во македонската ракометна јавност. Изоставувањето на долгодишните репрезентативци Стевче Алушевски и Петар Ангелов, селекторот Шундовски го образлага со подмладување на тимот.

„Во репрезентацијата јас работам веќе две години и настојувам мојата работа да биде како да ќе бидам селектор и во наредните 10 години. Во тој контекст сакам да кажам дека подмладувањето на репрезентацијата е нормално, а за мене и многу значајно, бидејќи македонскиот ракомет мора да смета и на иднината“, објаснува Шундовски.

Четвртфиналето е посакуван дострел

Македонија на мондијалот во Шпанија ќе игра во групата во Севиља, каде што се селекциите на Данска, Исланд, Русија, Катар и Чиле. Искусниот бек Бранислав Ангеловски очекува можен дострел на Македонија и до четврт-финалето.

„Ова Светско првенство се игра поинаку од досегашните, со тоа што по групната фаза се оди на елиминации во осмина-финална фаза. Со еден добиен натпревар во елиминациите се отвора вратата на четврт-финалето. Тоа значи дека е важен редоследот и во групата. Според мене, најтешките наши мечеви ќе бидат во деновите меѓу 15-ти и 19-ти јануари, поточно натпреварот против Исланд, кој е клучен за нашиот конечен пласман на Светското првенство“, вечи Ангеловски.

До патот во Севиља, Македонија ќе одигра три контролни натпревари против Саудиска Арабија во Пореч и во јануари против Египет и Србија во Ниш. Ванчо Димовски смета дека тие се сосема доволни за градење на потребната форма.

„Трите контролни натпревари се сосема доволни. На Европското првенство отидовме со два вакви натпревари и влеговме во добра форма. Речиси сите мечеви се решаваа во завршницата, во која ние добро игравме. Сега имаме три тест-мечеви и заедно со првите два на Светското првенство против Чиле и Катар, во кои условно сме фаворити, сметам дека ќе се искристализираат сите неопходни работи во тимот“, вели пивотменот Ванчо Димовски.