1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ракометарите на Кил на европскиот трон

Ракометарите на Кил ја освоија шампионската титула во Лигата на шампионите, по победата над Барселона во Келн. Нов пех за германската фудбалска репрезентација пред Мундијалот - се повреди и дефанзивецот Вестерман.

default

Ракометарите на Кил по вторпат се најдобри во Европа

Ракомет

Актуелниот германски првак, екипата на Кил е нов европски шампион откако во извонреден натпревар, пред речиси 20 илјади гледачи во Келн, го совлада големиот фаворит Барселона со 36:34. Поголемиот дел од мечот не ветуваше таква разврска, бидејќи Шпанците го контролираа темпото и резултатот се‘ до десетина минути пред крајот. Во 55-та минута, Барселона имаше водство од шест голови, но тогаш се „разбуди“ голманот на Кил, Тјери Омејер, кој со неколку извонредни одбрани го врати тимот во игра. Следуваше израмнување на десет минути пред крајот, а потоа и фуриозна победа.

„Ова денеска беше една голема претстава. Мислам дека секогаш верувавме во победата, дури и кога изгледаше невозможно, и на крајот успеавме да стигнеме до триумфот“, изјави тренерот на Кил, Улрих Дерад.

За левото крило на Кил, Доминик Клајн успехот беше остварување од соништата.

„Целиот натпревар мораше да се доживее. Оние кои го проследија во живо, мора да се многу среќни. Сите ние сме деца на среќата.“

За Кил ова беше втора титула европски првак, по онаа освоена во 2007 година. Барселона не успеа да го зголеми своето салдо, кое изнесува рекордни седум европски круни.

Во малото финале, за третото место на турнирот, шпанскиот Сиудад Реал го совлада рускиот првак Чеховски Медведи со 36:28. Ракометарите на Реал, на турнирот во Келн дојдоа како актуелни двојни прваци, но мораа да се задоволат со утешното трето место.

Фудбал

Германските фудбалери имаа уште една успешна резултатска контрола пред стартот на Мундијалот во Јужна Африка, но селекторот Јоаким Лев доби и нова главоболка.

Дефанзивецот Хајко Вестерман се повреди во еден дуел со играчите на Унгарија и ќе го пропушти турнирот. По повредите на капитенот Михаел Балак и првиот голман Рене Адлер, сега и одбраната ќе биде значително ослабена со откажувањето на Вестерман. Лев изјави дека очекувал од 27-годишниот дефанзивец на Шалке да игра значајна

Fußball Deutschland Ungarn Heiko Westermann

Хајко Вестерман на натпреварот против Унгарија

улога на првенството, бидејќи на подготовките бил во извонредна форма. Лев нема да може да смета и на двајца играчи од средината на теренот, Симон Ролфес и Кристијан Треш, кои беа планирани како можни замени на позицијата на која игра капитенот Балак.

Вестерман не ја криеше својата разочараност по веста дека има скршеница на левата нога, но изјави дека верува оти тимот може да постигне успех на Мундијалот.

„За мене лично и за тимот, ова е секако катастрофа, имајќи ги предвид и претходните повреди на Балак и на Треш. Но се‘ уште имаме квалитет и сигурен сум дека можеме да одиграме еден успешен турнир“, изјави Вестерман.

Оптимизмот на десетина дена пред почетокот на Мундијалот го поткрепи и одличната игра против репрезентацијата на Унгарија во саботата (29.05.2010). Германија победи во Будимпешта со убедливи 3:0. Разликата може да биде и поубедлива да не беа бројните промашувања на Германците и одличниот настап на унгарскиот голман Кираљи. Подолски го отвори натпреварот со погодок од пенал уште во четвртата минута. На 2:0 зголеми резервниот напаѓач Марио Гомез во 69-та, а конечниот резултат го постави натурализираниот Германец со бразилско потекло, Какау во 72-та минута.

Германските фудбалери заминуваат за Јужна Африка на 7 јуни, по последниот пријателски дуел со Босна и Херцеговина во Франкфурт, в четврток(03.06.2010). Првиот натпревар во групата Д против Австралија е на програмата на 13 јуни. Во групата со Германија на првенството се уште и репрезентациите на Србија и Гана.

Бокс

Актуелниот светски првак во супер-тешка категорија, украинецот Витали Кличко успешно ја одбрани титулата

Symbolbild Vitali Klitschko Bundesverdienstkreuz

Витали Кличко ја одбрани титулата во супер-тешка категорија

во верзијата ВБЦ, откако во саботата го совлада Полјакот Алберт Сосновски со технички нокаут во десеттата рунда. 38-годишниот Украинец со германски пасош доминираше во борбата против физички инфериорниот Полјак. Мечот се одржа на фудбалската арена во Гелзенкирхен пред повеќе од 60 илјади гледачи.

Се очекува Витали Кличко сега да се концентрира на борба против британецот Дејвид Хај кој ја има титулата во верзијата ВБА. Братот на Витали, Владимир Кличко, пак, е актуелен бранител на титулите во верзиите ВБО, ИБФ и ИБО.

Автор: БГ/АТ/дв/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска