1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Раководството на СПД ја убедува базата за голема коалиција со Унијата на Меркел

Германската канцеларка Меркел веќе смета со согласнст на социјалдемократите за влез во голема коалиција со Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Но партиската база на СПД не може да се убеди толку лесно. Одлуката се носи денеска.

Раководството на СПД во четвртокот (17.10) се изјасни едногласно за повторни преговори со ЦДУ и ЦСУ за голема коалиција. Денеска (20.10) на ред се 200 партиски функционери од сите краишта на Германија. Притоа, воопшто не се очекува и тие едногласно да се изјаснат за голема коалиција, туку напротив - задршките се големи. Аксел Шефер, шеф на групата на социјалдемократите од покраината Северна Рајна Вестфалија кои имаат пратеничко место во Бундестагот, вака ја опишува неединственоста на СПД: „Од една страна, многумина велат: ’Ако СПД во рамки на една голема коалиција може да оствари влијание за подобрување на животот на граѓаните во нашата земја, тогаш тоа треба да го стори’. Други пак велат: ’Годините на големата коалиција од 2005. до 2009. година имаа толку лош резултат по СПД во однос на рејтингот на партијата кај граѓаните, што треба да се биде многу внимателен, односно најдобро би било да не се влегува во голема коалиција.’“

Избирачите ја казнија СПД со само 23% освоени гласови во 2009. година. Тоа беше благодарноста за четирите години соработка со Унијата на Меркел - беше постигнат најлош резултат на СПД на едни сојузни избори.

Критичарите не стравуваат само од евентуален лош резултат во иднина доколку се влезе во голема коалиција, туку многумина стравуваат дека социјалдемократите во таква коалиција нема да можат да ги протуркаат своите залагања, наспроти сите сигнали на Унијата за компромис. Јан Штес, шеф на берлинскиот огранок на СПД, е еден од оние што се скептични: „Треба прво внимателно да слушнеме што имаат да ни кажат оние што преговараа. За нас е е многу важно да се проведе промена во земјата во насока на поголема социјална праведност.“

Законски регулирана минимална плата за сите, пензии од коишто луѓето ќе можат да живеат, поголем данок за богатите, двојно државјанство и за странците кои не се од земја на ЕУ - сето тоа се суштински барања од кои дел од социјалдемократите не сакаат туку така да се откажат само за нивната партија да биде дел од владата.

Шефот на СПД Зигмар Габриел и неговите денеска ќе треба да ги убедат учесниците на конвентот зошто сепак на крајот на краиштата би се исплатело да се склучат компромиси со ЦДУ и ЦСУ и како притоа да се задржи социјалдемократската идеја и барања.

„Јас и колегите од партијата кои водеа разговори со Унијата сме на мислење дека може да постигнеме супстанцијален напредок во сите сфери“, нагласува Габриел. Сепак, тој ги спушта преголемите очекувања на своите сопартијци: „Никој не треба да верува дека на крајот од преговорите ќе има стопроцентна СПД-програма, но треба да се постигне супстанцијален напредок, за на крајот да се види - дали направивме нешто за луѓето во нашата земја или не? СПД мора да се зафати со оваа задача. Дали тоа ќе успее, не знаеме, тоа ќе се покаже на крајот од коалиционите преговори, но мора да направиме напор. Други пред нас морале да излезат на крај со поголеми задачи од тоа да се влезе во коалиција со партија која не е посакуван партнер.“