1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ракети врз седиштето на палестинскиот премиер Ханија

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт ги остварува заканите за постепено зголемување на воениот притисок врз палестинската страна.

Палестинскиот премиер Исмаил Ханија

Палестинскиот премиер Исмаил Ханија

Ноќеска израелски хеликоптер истрела ракета и го запали седиштето на палестинскиот премиер Исмаил Ханија. Военото воздухопловство рано изутрина изврши напади и врз празната зграда на едно училиште, како и повеќе установи на владеачкиот Хамас на северот од Појасот Газа, при што има и жртви и повредени.

Цел на напад утринава беше и зградата на една милиција, што му припаѓа на палестинското Министерство за внатрешни работи. При тоа имаше повеќе повредени, од кои едниот почина на патот кон болница. Според палестински извори бил нападнат и воениот тренинг камп на Хамас во Појасот Газа, од каде се‘ уште нема извешатаи за жртви и повредени. Трета ракета го погоди бирото на пратеникот Мохамед Шихаб, кој се смета и за еден од раководителите на владеачкиот Хамаз.

Премиерот Исмаил Ханија го посети утринава изгореното седиште на палестинската влада, при што остро го осуди нападот на Израелците врз симболот на палестинскиот народ. Ова е само дел од постојаниот прогон на Палестинците од страна на Израел, изјави Ханија и побара од меѓународната заедница да ги осуди постапките на Израел.

Израелскиот Министер за внатрешни работи Рони Бар Он за военото радио изјави дека воениот притисок ќе расте и понатаму се‘ додека е неопходно. „Ќе сториме се‘ за Хамаз да ја плати цената„ – порача Рони Бар Он. Според израелски извори, утринава се одржа нов состанок на израелскиот премиер Ехуд Олмерт и министерот за одбрана Амир Перез, на која требаше да се договорат за натамошно проширување на воената офанзива.

Израелската армија и вчера го засипуваше северот на Појасот Газа со артилериски оган. Според информациите на израелското радио биле истрелани преку 350 гранати. Натамошни 1.000 гранати биле истрелани од единиците и воените бродови на југот од Газа, наводно за да се спречи префрлање на киднапираниот израелски подофицер преку границата кон Египет. Со слично образложение израелската армија изврши напади и врз седумте најважни сообраќајници во средишниот дел на Појасот Газа.

„Доколку Палестинците навистина сакаат да ја запрат оваа операција, треба да сторат само еднаедноставна работа: да го пуштат на слобода нашиот војник жив и здрав. Во тој случај ќе ја запреме воената операција и ќе си заминеме од Појасот Газа, кого немаме намера повторно да го окупираме„ – порача близок соработник на израелскиот премиер Ехуд Олмерт.

Во меѓувреме зад кулисите се одвиваат интензивни преговори со посредство на египетскиот претседател Хосни Мубарак. Според неофицијални извори компромисното решение би содржело повлекување на израелската армија од Појасот Газа и пуштање на слобода на 60-те високи политичари на Хамас, што беа уапсени деновиве. За возврат палестинските екстремисти треба да го пуштат на слобода киднапираниот војник, а владата на Хамас треба да вети дека палестинската страна нема повеќе да стрела касам ракети врз израелска територија.