1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Разјаснета тајната на НЛО во Америка

Со опсежна студија за шпионските летови на војската на САД меѓу 1954 и 1974 година, тајната служба ЦИА со еден удар собори бројни укажувања за неидентификувани летечки објекти.

Неидентификувани летачки објекти на небото над американската сојузна држава Невада поради кои се создаде митот за таинствената Зона 51, всушност биле шпионски авиони У-2 тестирани во ултратајната база, открива американската централна разузнавачка агенција ЦИА.

Кога авионите У-2 биле во лет во стратосферата, од нивните крила биле рефлектирани сончевите зраци дури и тогаш кога во подлабоките слоеви на атмосферата веќе одамна било темно. Тоа будело впечаток за НЛО, неидентификувани летечки објекти. Бидејќи тест-програмата на авионите тогаш била тајна, надлежните служби не смееле да ги откријат вистинските причини кога граѓаните и пилотите јавувале за светлечки ефекти. Американската авијација тогаш зборуваше за таинствени природни феномени.

Сигурно дека приврзаниците на теоријата на заговор ќе бидат разочарани, а на фантазијата поткрепена од холивудските филмови за тоа како американската влада го криела постоењето на вонземјаните ќе и‘ биде нанесен тежок удар. Зоната 51 служела за тестирање на познатите шпионски авиони од периодот на Студената војна. Ова се открива во официјалниот извештај за историјата на програмата на У-2 во периодот меѓу 1954 и 1974 година којашто ја потпишуваат двајца историчари на ЦИА, а од којашто од неодамна е тргната ознаката „строго доверливо“. На извештајот направен на 400 страници не се споменуваат вонземјаните од Росвел, чија „летачка чинија“ наводно се урнала во Ново Мексико во 1947 година, и којашто, според митот, потоа е сокриена и проучувана во забранетата Зона 51. Напротив, таа област во пустината Мохаве долга дваесетина километри, северозападно од Лас Вегас, е претставена како место на раѓањето на шпионското летало У-2, коешто стана славно откако во 1960 година беше соборено над Советскиот сојуз.

Надлетувајќи ја оваа област во мал авион, офицерот на ЦИА Ричард Бизел во април 1955 година воочил нешто што наликува на писта за слетување, сместена на соленото езеро Грум Лејк. Неговиот тим оценил дека се работи за идеален терен за воспоставување тајна база за тестирање на шпионски авиони. Теренот се наоѓал североисточно од зоната која припаѓа на теренот за тестирања на Американската комисија за атомска енергија, како што покажува мапата на регионот што ја открива ЦИА. Ова не е првпат разузнавачката агенција да го признава постоењето на Зоната 51. Во документот објавен на интернет во октомври 2012 година, во меморандумот од 1967 година на тогашниот директор на ЦИА, Ричард Хелмс, се зборува за полетување од Зоната 51 на три шпионски авиони во Јапонија во мисија над Виетнам.