1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Разум и дијалог за излез од политичката криза

Одлуката на речиси целата опозиција да го напушти Парламентот ја води Македонија кон длабока политичка криза, предупредуваат политичките аналитичари во земјата. Тие се поделени во оценката на овој потег.

default

Поделени во оценките за мотивите околу потегот на најголемата опозициска партија СДСМ, експертите во анкетата на Дојче Веле предупредуваат дека е потребен разум и дијалог за да се спречи натамошна ескалација на политичката состојба во земјата.

За професорот Мерсел Биљали парламентарната криза е очекувана во услови кога во земјата владее целосна партизираност на институциите, а демократијата и човековите права биле суспендирани:

„Мислам дека состојбите ќе се искомплицираат уште повеќе ако не се најде решение, ако меѓународниот фактор не реагира на време зашто обично сите диктатури и тоталитарни режими најчесто така и завршуваат. Решението е власта да отстапи од нејзините до крај неумерени постапки и да се врати во политичка нормала, па потоа со дијалог да се направи нова изборна рамка и да се оди на избори. Сепак се надевам дека ќе се најде пооптимистичко решение, во спротивно ќе влеземе во многу поексплозивна зона“, предупредува Мерсел Биљали.

Неопходни системски промени

Комуникологот Петар Арсовски предупредува дека состојбите ќе се влошат доколку не се случат системски промени:

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008

Велјановски: Бојкотот не е начин за решавање на проблемите

„Ова ја ескалира политичката криза до крајна граница. Мислам дека сега ќе биде многу тешко за власта да ја обвинува опозицијата за каков било неуспех, односно ќе остане на чистина. Ќе мора самата да го понесе товарот за сопствената политичка платформа. Тоа ја ескалира политичката ситуација и наметнува размислување за избори и тоа побрзо...“

Дел од експертите во потегот на СДСМ препознаваат притисок за предвремени избори:

„Иако чинот на напуштање на парламентот е дозволен во парламентарната демократија, на таков начин да се изрази незадоволството, сепак сметам дека тоа не е политички коректно кон своите гласачи. Бидејќи на опозицијата и’ стојат на располагање голем број институти и инструменти во политичката демократија за да го изрази незадоволството. Ова е уште една форма на притисок врз позицијата да се издејствуваат вонредни парламентарни избори“, смета Кекеновски.

Парламентот е незаменлив

Со сличен став е и аналитичарот Владимир Божиновски кој смета дека парламентот треба да биде главното место каде се води политичката битка. Опозицијата со ваквиот чин сама си нанесува штета, бидејќи го напуштила местото од каде можела да биде слушната во јавноста:

„Постои можност да се напушти Парламентот, но важна е причината. Прашање е дали партијата некој ја спречува да ги искаже своите ставови во Парламентот. Ако напуштањето стане пракса како мерка на притисок за предвремени избори, тогаш ако хипотетички и до нив дојде и во случај оваа опозиција да ги добие, тогаш што ќе ја спречи актуелната власт од улога на опозиција да го направи истото. Значи така постојано треба да имаме избори? Мислам дека ова оди на штета на опозицијата, исто како што во 1994 година тоа одеше на штета на ВМРО ДПМНЕ кога го напушти парламентот, а СДСМ владееше четири години. Тоа е секогаш погрешен потег“, нагласува аналитичарот Божиновски.

Загрижен и американскиот амбасадор

Mazedonien Das Parlament in Skopje

Парламентот остана без најголемата опозициска партија СДСМ

Загриженост околу актуелните настани синоќа изрази и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер по разговорите со премиерот Никола Груевски. Дојче Веле неколупати се обиде да добие владин став, но на телефонот на гласноговорникот Мартин Мартиновски не одговараше никој. Претседателот на парламентот Трајко Вељановски кој е во посетна на Подгорица, преку писмено соопштение изјави дека бојкотот не е начин за решавање на проблемите. Вељановски ги повика координаторите и потпретседателите на Собранието на редовна координација во понеделник.

Инаку СДСМ го напушти парламентот испровоциран од последните случувања со телевизијата А1 и уште неколку фирми, на кои судот во рамки на истрагата за случајот „Пајажина“ им ја блокираше сметката. Новинарите од телевизијата оценија дека власта на тој начин практично го затвора медиумот и во знак на револт се преселија пред зданието на Владата во Скопје, од каде преку импровизирано студио емитуваат програма во живо.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM