1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Разубавување или бејрутизација на Скопје?

Градењето споменици по линија на етничка демаркација е најлошто нешто што можеше да му се случи на главниот град и на земјата, оценуваат експертите во Македонија.

На десниот брег - споменици на личности од македонската историја, на левиот - од албанската. Реката Вардар од природен хидролошки симбол на градот постепено се претвора во симболична линија на етничка дезинтеграција.

Спомениците играат клучна улога во симболичната и физичката бејрутизација на градот, како видлив дел на еден подземен политички процес за поделба на Македонија, оценува професорот по архитектура на УКИМ, Мирослав Грчев.

„Спомениците од владиниот проект ’Скопје 2014’ имаат тројна функција: трајно да ја слават власта која ги изгради, да го сменат националниот идентитет на Македонците, истакнувајки го Александар Македонски како митски модел на македонскиот натчовек и да обезбедат не само симболична, туку прецизна физичка линија на етничка поделба на градот помеѓу Македонците и Албанците“, укажува Грчев.

Урбанистите потсетуваат дека градењето објекти со симболична демаркциска функција, започна уште кон крајот на 90-тите години, кога масовно и неконтролирано почнаа да се градат цркви и џамии. Тој процес денес продолжува преку споменично потенцирање на идентитетите. 

„Македонштината“ извајана во бронза и мермер на десната страна, добива одговор на левата. 

„Пред некое време ја подигнавме бистата на Скендер-бег, а за да не остане тој осамен во дарданско Скопје, сега тука е и бистата на нашиот голем херој, Хасан Приштина. Не можам да бидам рамнодушен и да не кажам дека стануваме директни архитекти на албанштината во Скопје“, изјави неодамна Изет Меџити, градоначалник на општината Чаир.

Градењето споменици по линија на етничка демаркација е најлошто нешто што можеше да му се случи на градот и на земјата, оценуваат експертите.

Proekt Skopje 2014

Скопје 2014, проект со поддржувачи и бројни критичари

„Во Македонија и воздухот и водата добија етнички предзнак, а за спомениците и да не зборуваме. Тоа што се поставуваат по линија на етничка демаркација, верувам дека не беше првична цел, но за жал, стана краен ефект. Нивното поставување е само маска за реалноста, еден вид супститут за сите владини промашувања, за недостигот од развој и е покритие за лажен патриотизам“, вели политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

Според неодамнешната анкета на агенцијата Брима Галуп, 57,8 отсто од анкетираните имаат негативно мислење за проектот „Скопје 2014“. Позитивно се изјасниле 26,4 отсто, а 15, 8 немаат став.

Растот на незадоволството е резултат на големи буџетски расходи за споменици, на намалувањето на социјалните трансфери и на рапидниот раст на сиромаштијата. Но, спомениците ги разнишаа и темелите на правната држава. Архитектот Грчев потсетува дека овој процес на споменична демаркација е изведен во форма на вистински уставен пуч.

„Според Законот за споменици, изградбата на споменици е во исклучива надлежност на Собранието, каде за секој споменик поединечно мора да се гласа со т.н. ’Бадинтерово’ мнозинство. Но, во практика власта ги гради со државни буџетски средства, но со неуставни опскурни процедури, во кои Собранието се заобиколува, а одлуките се носат преку локални програми за спомен обележја и со просто мнозинство во општинските Совети“, објаснува тој.

Сега, честа на интеграцијата останува да ја бранат само три споменика на албански дејци, кои се планирани на десната страна од Вардар: на Неџат Аголи, првиот министер за социјална политика во македонската Влада во 1945 година и на поетите Јосиф Багери и Пјетр Богдани.