1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Разочараност од верските и световните институции?

Меѓу црквата и општеството, меѓу светото и световното – граѓаните во Македонија повторно се враќаат во црквите, но експерите предупредуваат: бизнисите на црквата може да ги одвратат верниците од неа.

default

Црквата „Свети Наум“ во Охрид

Професорот Илија Ацевски, од Социолошкиот факултет на државниот универзитет во Скопје, за трендот на враќање на верниците кон црквата објаснува: „Постои голема разочараност кај луѓето. Во Македонија не заживеа концептот на граѓанското општество, на модерни институции на кои во центарот на вниманието им е, сепак човекот, неговите потреби и вредности, неговата слобода.“

Обнова на црква во Отушиште

Во тетовското село Отушиште од 500. жители пред половина век македонската популација денес се сведе на 100 лица. Поставен е камен темелник за нова црква.

Еден од жителите на селото вели: „Сакаме да ја изградиме црквата, за да се задржи селото и натаму на овие простори, овде“. Негов соселанец дополнува: „Обновувањето на првата куќа, што значи дека е тоа првата куќа во селото, ќе значи дека таа ќе помогне во обновувањето и на вековните огништа на нашиот човек тука, за враќање на нашите иселени.“ Една повозрасна жителка на Отушиште пак вели: „Низ цел свет, во Америка, Европа, секаде. Борба за живот.“

Луѓето бараат да бидат активни и институциите на општеството

Parlament Gebäude in Skopje, Mazedonien

Скопје

Но, жителите сметата дека, покрај верските, треба да бидат активни и световните институции. Еден од вратените печалбари од Отушиште, посочува: „Црквата може нешто да помогне, но, потребни се и други мерки. На пример, треба самата општина Теарце да се потруди за младината, а и владата да спроведе некои мерки, да можат младите да останат овде.“

Друг човек од масата насобрани луѓе, дојдени заради осветувањето и положувањето на камен – темелникот за новата црква во селото, вели: „Најгорливо прашање е вработувањето.“

Додека свештеникот го положува камен-темелникот за новиот божји храм и ги повикува православните верници спасот од своите тешкотии да го очекуваат од светиот крст, еден од селаните вели: - „Треба нашата Република Македонија да се организира да се гради нешто, нови фабрики.“

Експертите предупредуваат: бизнисите на црквата ќе ги одвраќаат верниците од неа

Сепак, се актуелизира и уште едно прашање: се наѕира ли сега тренд на разочараност кај народот и од дел од свештенството, поради сомнителните финансиски зделки, кои во јавноста се доживуваат како „коруптивни афери“, како и поради преголемите „тарифи“ за крштевки, свадби и други црковни услуги, кои сиромашните и невработените немаат со што да ги платат?

Старешината на Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“ протоереј Димитрија Крстевски, вели: „Црквата мора да се труди да има, да работи домаќински, да создава капитал за овоземскиот живот, за да може и на овој свет да опстои.“

Orthodoxe Weihnachten in Mazedonien

Луѓето ја негуваат црковната традиција

Прота Крстевски натаму нагласува: „Раководството на црквата мора да води сметка и да чува средства, за да настапи, кога ќе треба да настапи. Имотите манастирски од Лешок, се одземени и се национализирани на времето и сега може некој имот да биде ставен на продажба. Зошто да не се појавиме ние да го откупиме тој имот, да и биде вратен на Црквата?“

Професорот Илија Ацевски смета: „Поповите, клерот, не се тие, кои блескаат со својот материјален однос, или став. Тоа ги збунува помалку луѓето. Сето тоа остава трага кај оној скромен човек, кај оној кој живее од својата работа. Односно, сега ќе се наметне и тоа прашање: а што е тоа свето, што е тоа во кое јас треба да верувам? “

Останува да се види колку црквата ќе им помогнe на луѓето да ги надминат моментните тешки услови за опстанок во Македонија. Како и да е, луѓето со радост продолжуваат да ги одбележуваат сите црковно народни празници, трпеливо очекувајќи ги подобрите времиња.