1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Разоткриен целиот допинг скандал на Армстронг

Американската анти-допинг агенција УСАДА го објави комплетниот извештај врз основа на кој го прогласи велосипедистот Ленс Армстронг за виновен и нареди да му се одземат сите титули.

Извештајот е долг повеќе од 150 страници и во него се наведуваат и имињата на 11 колеги на Армстронг кои се јавиле како клучни сведоци. Во извештајот се открива дека Армстронг останал во контакт и со италијанскиот лекар Мишел Ферари и продолжил да го плаќа со години откако овој доктор беше казнет, а велосипедистот тврдеше дека го прекинал контактот со него.

Извештајот од точка во точка докажува дека велосипедизмот и допингот биле нераздвојни во тој период и дека тимовите на Армстронг биле најдобри во прикривањето на скандалот.

Армстронг го освои Тур Д’ Франс пет пати со тимот „Ју Ес Постал сервис“ од 1999 до 2004 година, а потоа и во 2005 кога главен спонзор му беше телевизискиот канал Дискавери.

УСАДА наведува дека Армстронг одлучил својата прокламирана цел за постојано победување да ја оствари „далеку вон правилата“. Агенцијата го обвинува дека победите ги остварувал благодарение на забранети супстанци.

„За работите да бидат уште посурови, истите нешта ги очекувал и барал и од своите тимски колеги“, пишува во извештајот.

Армстронг не се бореше против обвиненијата, но одлучно ги отфрлаше тврдењата дека се допингувал. Неговиот адвокат, извештајот го нарече „еднострано бламирање, таблоидна творба направена со пари од даночните обврзници во која се повторуваат стари, докажано невистинити и неодржливи обвинувања во најголем дел засновани на тврдењата на лажни сведоци и на изнудени и поткупени признанија“.

Армстронг одби да се жали

Lance Armstrong

Ленс Армстронг за време на последниот настап на Тур Д’ Франс

И покрај статусот на Армстронг како голема ѕвезда, УСАДА го водеше случајот според истите правила како и за сите други. Извршниот директор на агенцијата Тревис Тајгарт изјави дека велосипедистот имал можност овој случај да го однесе на арбитража, но одбил и ја прифатил пресудата.

Во најновите детали најмногу внимание привлекува описот на односот на Армстронг со неговиот лекар Ферари, кого УСАДА исто така доживотно го суспендираше. Долго постоеја сомневања дека Ферари е главниот творец на допинг планот на Армстронг. Лекарот беше казнет по истрагата во Италија, а Армстронг тврдеше дека во 2004 ги прекинал сите релации со него. Но истрагата покажа дека Ферари добил од Армстронг уште 200 илјади долари во следните две години, заклучно со 2006.

Меѓународната велосипедска унија ги побара сите детали од УСАДА пред да одлучи дали ќе ги поддржи санкциите. Организаторите на Тур Д’ Франс засега одбиваат да го коментираат случајот.

Поврзана содржина