1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Разноликост во германското обединување

Истокот и западот на Германија растат заеднички веќе 16 години. Процес, што според граѓаните, не секогаш е едноставен. Коментар на Ралф Бозен.

default

Трети октомври пред 16 години беше ден на радост, време на оптимизам, на големо веење знамиња. Такво нешто се повтори дури сега, за време на светското фудбалско првенство. Но, оваа еуфорија, ова добро расположение не се пренесе и на трети октомври. По летниот виор на нацијата обединета со фудбалот, сега се враќа отрезнувањето. Според истражувањата на јавното мислење, две третини од Германците воопшто не го сметаат како повод за славење на Денот на германското единство.

Зашто, и покрај големата изградба, истокот на земјата е сеуште социјален случај. Невработеноста е двојно поголема отколку на западот. Освен тоа, на новите германски покраини им се заканува демографско искрварување, затоа што младите луѓе поради професионални причини се селат на запад. Проблеми за кои државата не пронајде одговори.

Тоа е свидетелство за сиромаштија на политиката и извор на опасност за демократијата, зашто во тој вакуум удираат десните екстремисти. Веќе подолго време многумина од нив ги оставија високите чизми и кусите јакни и се претставуваат како социјални добродетели. Тоа се старите пораки со содржина на непочитување на човекот, ставени само во ново пакување. На голема вџашеност на најголемиот дел од Германците, ваквата нивна тактика има успех, а тоа го покажува и влезот на НПД во покраинскиот парламент во Мекленбург Предна Померанија.

Но, сепак, во Источна Германија има и позитивни примери – фабриката за часовници Гласхите или компјутерската индустрија во околината на Дрезден, чии салда се преполни. И тоа што Ангела Меркел стигна до позицијата прва германска канцеларка покажува дека потеклото од Источна Германија не мора да значи автоматски и запоставување. Затоа, на трети октомври треба да се оддаде почест на досега постигнатото, зашто процесот на повторното обединување и покрај сите проблеми е успешна приказна.

Но, сеуште постои срамежливост да се учи од источногерманското минато. Поранешната ДДР не беше праведен режим, но таму имаше и успешни модели од кои повторно обединетата Германија би можела да профитира. Како модел од поранешната ДДР би можело да се преземе згрижувањето на децата, во целата дискусија што се води околу реформата на семејната политика. Имено, таму имаше доволно детски градинки, така што жените со деца можеа да работат без проблеми.

Чувството дека не се било направено погрешно на источните Германци би можело да им даде повеќе самодоверба, а на западните Германци би можело да им покаже дека нивните браќа и сестри од новите покраини можат да бидат повеќе отколку само прости приматели на финансиска помош. Тоа би бил натамошен чекор на патот кон обединувањето.

Но, што значи точно обединување, германско обединување? Дали не би било време германското обединување да се стави на преиспитување во сите негови делови? Освен тоа треба да размислиме околу интеграцијата на Германците со доселеничко потекло. Зашто, и тие се се разбира дел од Германија. Многумина од нив, како Германци се чувствуваат ограничени. Затоа, денот на германското обединување е вистински повод за да се укаже на тоа дека Германија е татковина на луѓе од многу култури и дека тоа треба да се смета за обогатување. Ова е важен знак особено во времиња на меѓународен тероризам во кои недовербата се зголемува. “Разноликост во германското обединување “ – тоа би можела да биде пораката за една кон светот отворена Германија.