1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Размена на писма меѓу Обама и Рохани

Меѓу САД и Иран дошло до дипломатски контакт на највиско ниво. Претседателите на двете земји размениле писма по повод изборот на Хасан Рохани за шеф на иранската држава.

Иранскиот претседател Хасан Рохани и американскиот претседател Барак Обама разменија писма, потврди денеска (17.09) иранското Министерство за надворешни работи.

Уште во неделата (15.09) Обама изјави дека меѓу него и Рохани имало кореспонденција, главно на тема Сирија. Во писмото Обама го поздравил изборот на Рохани на функцијата.

Портпаролот на иранското МНР Марзие Афхам изјави дека во писмото Рохани ги изнесол погледите за различни теми, без да соопшти повеќе детали.

Медиумите во САД пишуваат дека веројатно писмата се првиот чекор кон зајакнати контакти меѓу двете земји. Рохани најави учество во сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк овој месец и се очекува тој и Обама во ист ден да се обратат пред Собранието. Афхам изјави дека не е планирана средба меѓу нив. Истото претходно беше соопштено и од страна на американската администрација. САД и Иран ги прекинаа односите во 1980 година, по нападот на американската Амбасада во Техеран, извршен од студенти и исламски екстремисти. Во моментов двете земји спорат околу иранската атомска програма.