1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Разликите настрана, бизнисот во преден план

Кина и Русија планираат потесна соработка во областа на енергетскиот сектор, при искористувањето на природните богатства и при изградбата на инфраструктурата. Рускиот премиер Владимир Путин е во посета на Пекинг.

default

Владимир Путин и Ху Џинтао

На тридневното патување во Кина во придружба на рускиот премиер Владимир Путин се околу сто стопанственици. Подготвени се веќе договори во вредност од околу 3,5 милијарди евра во областа на банкарскиот сектор, транспортот, инфраструктурата, градежништвото и пред се‘ енергијата.

Официјално, Пекинг и Москва ги врзува стратешко партнерство. Рускиот претседател Дмитри Медведев во една од своите први посети во странство минатата година во мај беше во Пекинг, по што изјави: „Ќе следи развој на нашето енергетско стопанство. Приоритет е високата технологија, атомската енергија, вселената, информациските и нано-технологии. Нам ни е важен и надворешнополитичкиот дијалог. Заедничката декларација на оваа тема покажува на какво ниво веќе стигна нашата соработка во регионалните и меѓународните организации. Таа ни помага, на пример, во прашањата на ракетната одбрана.“

Историјата и кавгите - заборавени

Идеолошките спорови од 60-те и 70-те години се заборавени. Постигнати се договори дури и за конфликтите околу границата, кои водеа делумно и до вооружени судири. Москва и Пекинг често се наоѓаат на иста бранова должина во поглед на светските политички прашања, на пример Иран. Двете земји ги критикуваа САД и претседателот Џорџ Буш.

Besuch einer Militärübung am Rande des SCO Gipfels Putin

Двете земји сакаат поголема стопанска соработка

Трговскиот волумен меѓу Кина и Русија од 2002 година е зголемен на околу 40 милијарди евра. Околу половина од рускиот извоз отпаѓа на нафта, додека машинската индустрија и вооружувањето сочинуваат само помал дел.

Во јули рускиот државен концерн „Роснеф“ и кинескиот енергетски концерн „ЦНПЦ“ склучија договори на 20 години. „Роснеф“ испорачува нафта, Кина обезбедува кредит тежок милијарди. Сличен договор во областа на користењето на земен гас треба денеска (13.10.2009) да потпише и премиерот Путин. Во септември рускиот претседател Дмитри Медведев и неговиот кинески колега Ху Џинтао во Њујорк потпишаа договор, кој предвидува до 2018 година Кина во својата гранична област да изгради капацитети за преработка на руските суровини, како јаглен и благородни метали.

Кина има поголем стопански развој отколку Русија

Сепак, не е се’ хармонично во меѓусебните односи. Русите со завист гледаат преку границата, бидејќи кинеското стопанство е поуспешно: дури и среде светската економска криза тоа расте со стапка од 7,9 проценти во вториот квартал од годинава, додека руското во истиот период забележа пад од 11 насто. Несигурност кај Русите предизвикува и фактот што на меѓусебната граница, долга 4 илјади километри, се наоѓаат 4 милиони Руси од едната страна наспроти сто милиони Кинези во северните провинции од другата.

Андреј Пушкаров, заменик шеф на весникот „Золотој рог“ во Владивосток: „Никој не се плаши дека ненадејно пред него ќе се појави Кинез со нож, тоа е минато. Постои опасност дека на нашата влада нема да и‘ успее да го развие нашиот регион, па тогаш Кинезите можат да го земат, кога таму никој нема да живее. Од тоа стравуваме.“

Автор: Естер Хартбрих/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска