1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Разговорите за името продолжуваат во Њујорк

Медијаторот Метју Нимиц за 16 ноември во Њујорк закажа нова рунда разговори за решавање на разликите меѓу Атина и Скопје околу уставното име на Република Македонија.

default

Метју Нимиц

Посредникот во грчко-македонскиот спор околу името Метју Нимиц закажа нова рудна разговори на 16 ноември во Њујорк. Ваквиот чекор на Нимиц следува по изјава на генералниот секретар на Светската организација Бан Ки Мун во Атина, дека медијаторот е подготвен да ги продолжи разговорите за решавање на спорот за името штом двете страни искажат подготвеност за тоа. Првиот човек на ОН изрази надеж дека двете страни со помош на Нимиц ќе дојдат до конечно решение за спорот.

Разговорите за името привремено беа замрзнати поради изборите во Грција. Нимиц по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во септември во Њујорк, најави дека повторно ќе го активира дијалогот штом заврши изборната кампања во Грција и оти изнел „доволно идеи на маса за двете страни да почнат да размислуваат креативно за изнаоѓање решение“.

Вчера (04.11.09) македонскиот претседател Ѓорге Иванов испрати покана до неговиот грчки колега Каролос Папуљас да ја посети Македонија. Во поканата, која и‘ ја предаде на грчката амбасадорка во Македонија Александра Пападопулу, Иванов наведува дека посетата на Папуљас би била силен импулс за зајакнување на добрососедските односи. Тој му остави можност на грчкиот претседател да го одреди терминот за посетата. Засега нема информации дали Папуљас ја прифаќа поканата.

Во меѓувреме, тој повторно се закани дека без решение за името не е можна евроинтеграцијата на Македонија, и одговорноста ја префрли на македонската страна. „Добрососедските односи не се градат врз нерешени прашања и затоа се’ додека не се затвори спорот за името, Грција не може да даде согласност за приклучување на ПЈРМ во ЕУ“, изјави грчкиот претседател по средба во Атина со генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун.

Автор: АТ/миа

Редактор: Жана Ацеска