1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Разврска во Бундеслигата на две кола пред крајот

На две кола пред крајот на фудбалското првенство на Германија се чини најважните решенија веќе паднаа – Бохум и Ханза Росток заедно со Фрајбург одат во Втората лига, Баерн уште од претходното коло ја обезбеди титулата, а само останува отворено прашањето за екипите што ќе учествуваат во европските купови.

Маркус Даун го слави водечкиот гол што за Нирнберг значеше дефинитивно обезбеден опстанок, а за Бохум испаѓање од Бундеслигата

Маркус Даун го слави водечкиот гол што за Нирнберг значеше дефинитивно обезбеден опстанок, а за Бохум испаѓање од Бундеслигата

За Бохум шансите се само уште теориски - Борусија Менхенгладбах би требало да ги загуби последните две среби, Бохум да забележи две победи и притоа уште и да надомести 12 голови, за колку е подобра гол-разликата на Борусија. Во натпреварот од пресудно значење во борбата за опстанок Нирнберг го совлада Бохум со 2 спрема 1. Борусија Менхенгладбах на гостувањето кај Хамбург остана непоразена – резултатот е 0 спрема 0 и тој бод има клучно значење. Последните надежи на Ханза Росток ги закопа Баер со победата во Леверкузен со 3 спрема 0. Ханза, како и Бохум, има 6 бодови помалку од Борусија Менхенгладбах и дури за 21 гол полоша гол-разлика. Раководството на клубот и тренерот се согласија: Бергер ќе ја води екипата и во второлигашката конкуренција.

Занимлива, значи, останува само борбата за места во европските купови. Шалке, по победата над Арминија во Билефелд со 2 спрема 0 е на најдбар пат кон учество во Лигата на шампионите: има два бода предност пред Штутгарт, 4 пред Херта. Во ова коло Штутгарт го совлада Хановер со 1 спрема 0, а Херта го победи Волфсбург со 3 спрема 1. Поразот на гостувањето во Дортмунд со 1 спрема 0 го оддалечи минатогодишниот првак Вердер од уште еден настап во Лигата на шампионите: Вердер и Баер Леверкузен заостануваат 3 бода зад Херта, а дури пет зад третопласираниот Штутгарт.

Инаку, новиот првак Баерн на гостувањето во Мајнц победи со 4 спрема 2 и тоа е негова 12-та победа во 15-те натпревари од пролетниот дел. Холандскиот интернационалец Рој Макај постигна три гола, токму како и во претходното коло. Последен пат ова во Бундеслигата му успеа на Австриецот Тони Полстер во дресот на Келн пред осум години. Макај со 19 голови е втор на листата на стрелците зад Минтал од Нирнберг со 23 погодоци. Мехмет Шол го одигра 300-от прволигашки натпревар, од нив 58 во Карлсруе а сите други во Баерн, со кого освои 7 шампионски титули и во тој поглед е рекордер заедно со Аугенталер и Циклер. Мајнц ја преброди првата своја година меѓу прволигашите, опстанокот беше прославен со многу емоции и заеднички со фудбалерите на шампионот Баерн.

Конечно, Кајзерслаутерн со победата на гости кај одамна отпишаниот Фрајбург со 2 спрема 1 му се доближи на два бода на деветтопласираниот Волфсбург и му го загрозува учеството во Интертото-купот.

32-то коло донесе просек од 41 564 гледачи и можно е во ова првенство да биде соборен минатогодишниот рекорд. Вкупно 23 постигнати голови е посен биланс, но просекот за целото првенство изнесува 2,88 голови по натпревар.