1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Развој на „најнеразвиениот дел од Косово“

Премиерите на Србија и на Косово се договорија за формирање на привремен развоен фонд за северот на Косово. Покренато е и прашањето за паралелизмот на институциите на северот и за посебноста на српскиот народ на Косово.

Четвртата рунда од дијалогот на премиерите на Србија и на Косово во Брисел резултираше со договор за привремено решение за формирање на посебен фонд во кој ќе се слеваат приходи од наплатата на царината за стоката наменета за северниот дел од Косово. Српскиот премиер Ивица Дачиќ, по речиси пет часа разговори со косовскиот премиер Хашим Тачи и шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, објаснува:

„Тој фонд би го формирала ЕУ, а во него ќе учествуваат и претставниците на приштинските власти и претставниците на Србите од општините на северот. Се’ што ќе се собере, сите давачки за стоката која оди на северот ќе одат во тој фонд и ќе се користат исклучиво за развој на северот од Косово“.

И додека премиерот на Србија нагласува дека ваквото привремено решение ги задоволува барањата на Србите од северот, кои не сакаат да плаќаат царини на приштинските власти, премиерот на Косово во прв план ја истакнува намената на овој фонд, кој ќе биде насочен за развој на северот како, според неговите зборови, „најнеразвиениот дел од Косово“. Во писмено соопштение шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон го потврди постигнувањето на „привремениот договор за наплата на царините, акцизите и ДДВ на премините под заедничко управување“.

Автономија, посебност или специјален однос?

Кога станува збор за другата тема на синоќешните (17.01.2013) разговори во Брисел, која се однесува на прашањето за паралелизмот на институциите на северот, косовскиот премиер Тачи вели дека „српската страна презела обврска да започне со расформирање на паралелните институции и повлекување на паралелните безбедносни структури на Србија од Косово“.

Hashim Thaci Premierminister Kosovo

Хашим Тачи, Кетрин Ештон и Ивица Дачиќ

Српскиот премиер Дачиќ, пак, нагласува дека се разговарало само за модалитетите за решавање на прашањата за паралелизмот на институциите, односно како да се дојде до институции прифатливи и за Приштина и за Србите од Косово, како и за решавање на прашањата за „посебноста“, односно „специјалниот однос“ кон Србите кои живеат на Косово.

„Србија сигурно дека нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, но врз основа на платформата и Резолуцијата мораме да дојдеме до одредени решенија како да се организира животот на Србите, нивните институции и заедници, како да се дефинира нивниот однос со Белград и Приштина и како да функционира животот во ситуација кога нема конечно решение за статусот на Косово“, истакна Дачиќ.

Како до нормализација на односите во интересот и на Србија и на Косово?

Претседателот на српската Влада вели дека токму тие прашања ќе бидат предмет на понатамошниот политички дијалог. Новата рунда разговори Белград и Приштина е закажана за втората половина на февруари и би требало да трае два дена. Шефицата на европската дипломатија вели дека „од февруарскиот интензивен дијалог очекува значаен прогрес за прашањата кои ги постави Советот на ЕУ минатиот декември“.

Српскиот премиер очекува до април, кога се поднесува новиот извештај во Европскиот совет, да дојде до напредок и тоа „не само поради европската перспектива“, туку и поради потребата да се изнајдат решенија „во склад со државните и националните интереси“.

Истовремено косовскиот премиер Хашим Тачи, на одвоена прес-конференција, заклучи: „Јас сега сум поголем оптимист, отколку на претходните состаноци, бидејќи разговорот се одвиваше во насока на целосна нормализација на меѓудржавните односи меѓу Србија и Косово, штои ќе води кон реципрочно признавање на тие држави“.