1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Радко“ се жали во Европскиот суд за човекови права

Здружението на граѓани „Радко“ и неговиот претседател, Владимир Паунковски против Република Македонија, е предметот за кој расправаше Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

default

Зградата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Здружението „Радко“ основано во мај 2000-та, имаше за цел да ја промовира културната и револуционерната борба на Бугарите од Македонија и „бугарскиот карактер“ на Словените од Македонија, кои според нив „биле Бугари низ вековите“ и дека Македонија е „вештачка творба на Коминтерната“. Изборот на името на здружението не е случајно. Тоа е псевдонимот на контроверзната личност од македонската историја Иван (Ванчо) Михајлов.

„Просто по седум години очекуваме дека ќе биде позитивно решението (на судот н.з.) и дека некои работи во Македонија во однос на демократијата ќе се поправат. Видете, мене ми е многу жал што луѓето во Македонија се наоѓаат во една непријатна ситуација, да дознаат нешто што нема да им се допадне. Жалам што е така, но тоа е вистината“, изјави за Радио Дојче Веле, жалителот Владимир Паунковски.

На што се жали „Радко“?

Членовите на „Радко“ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја оспоруваат одлуката на Уставниот суд на Република Македонија и тврдат дека не се залагале за употреба на сила и антидемократски или противуставни средства. Тие се повикуваат на членот 11 од Конвенцијата (слобода на здружување), додека претседателот на „Радко“, Владимир Паунковски се жали дека Македонија го прекршила и членот 10 (слободата на слободно изразување), бидејќи по распуштањето на здружението и по изјавите на тогашниот претседател, му била ускратена можноста слободно да го искаже неговото мислење за етничкото потекло на некои делови од населението.

„Господинот Паунковски како еден од основачите на здржението „Радко“, заедно со останатите, има право да се чувствува како Бугарин од Македонија. Имаат право да се здружуваат во здружение на граѓани, но со таквото здружување не смеат да ги повредуваат чувствата на македонскиот народ. Обврската на Уставниот суд, со чија одлука е иницирано бришењето на здружението од регистарот, е да констатира дека се повредени чувствата на македонскиот народ и поради тоа се поништени актите на здружението“, вели агентот на македонската влада, Радица Лазареска Геровска.

Македонија тврди дека жалбата е неоснована

Според македонската влада, жалбата на здружението е неоснована бидејќи тоа не ги искористило сите правни лекови во земјата и тоа ја поднесло жалбата во времето кога неговата регистрација била сеуште важечка. Имено, жалбата е поднесена во јули 2001, додека одлуката за бришење беше потврдена во февруари 2002-ра.

Но, доколку судот констатира дека нивната жалба е прифатлива, македонската влада се повикува на ставовите 2 од членовите 10 и 11 од Европската конвенција за правата на човекот, каде што стои дека тие права не се апсолутни и содржат одредени рестрикции и санкции. Тие треба да се поврзат со членот 17 кој предвидува заштита и забранува права со кои се повредуваат правата на други.

„Во конкретниот случај тоа е правото на македонскиот народ да се чувствува како македонски и да ја вика својата држава така како што ја вика“, објаснува Лазареска-Геровска.

Жалбата на „Радко“ e поддржана од бугарската влада. Бугарскиот агент не сакаше да го коментира своето присуство во Стразбур, велејќи дека тоа е политичко прашање и не е овластен да зборува дали случајот „Радко“ се претвора во меѓудржавен спор на Бугарија и Македонија. Адвокатите на „Радко“ направија обиди предметот „Радко“ да го споредат со случајот „ОМО Илинден-Пирин“. Сепак, постои разлика. „ОМО Илинден-Пирин“ се залага за признавање на македонското малцинство во Бугарија и не го негира постоењето на бугарскиот народ, додека цел на „Радко“ е негирање на македонскиот народ.

Обиди да се споредуваат случаите „Радко“ и „ОМО Илинден“

Нервозата на Бугарија е уште поголема бидејќи деновиве Европската комисија, преку писмо, отворено побара од Софија да ја почитува пресудата на Европскиот суд за правата на човекот и да ја регистрира партијата „ОМО Илинден-Пирин“.

Одлуката на судот од Стразбур дали предметот „Радко“ е заснован ќе биде соопштена дополнително, исто како што дополнително ќе биде соопштена и пресудата, доколку се утврди дека има основа за предметот.