1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Радко“ го доби спорот во Стразбур

Здружението „Радко“ и Борис Паунковски го добија спорот против Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Судиите решија дека се прекршени одредбите за правото на слободно здружување.

default

Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Тужителите, здружението и неговиот претседател Борис Паунковски со македонско и бугарско државјанство, пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја оспоруваа одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со која беше распуштено здружението на 21 март 2001 година. Образложението за распуштање од македонскиот уставен суд, беше дека здружението се залага за промена на уставниот поредок преку насилство и дека повикува на национална и религиозна омраза. Да потсетиме, здружението „Радко“, основано во мај 2000 година, имаше за цел да ја промовира културната и револуционерната борба на Бугарите од Македонија и „бугарскиот карактер“ на Словените од Македонија, кои, според нив, „биле Бугари низ вековите“ и дека Македонија е „вештачка творба на Коминтерната“. Изборот на името на здружението не е случајно, тоа е псевдонимот на контроверзната личност од македонската историја Иван (Ванчо) Михајлов.

Повредено правото на слободно здружување

Европскиот суд за човекови права, со мнозинство од гласовите, шест против еден, пресуди дека Република Македонија го прекршила членот 11 од Европската конвенција за правата на човекот, кој се однесува на правото за слободно здружување.

Судот од Стразбур во аргументацијата на својата пресуда, меѓу другото, се повикува и на дел од пресудите „ОМО Илинден“ и „Станков“ против Бугарија, „Виножито“ и „Сидиропулос“ против Грција. Ова се случаите што ги добија припадниците на македонското малцинство во овие земји, на кои не им беше дозволено слободно да се здружуваат. Но, предметот „Радко“ не може во целост да се споредува со овие предмети, забележува Судот, бидејќи во случајот „Станков“ се бара „признавање на македонското малцинство во Бугарија“, додека „Радко“ го негира идентитетот на народот.

Плурализмот е легитимен

Главниот аргумент на македонската влада дека името на здружението „Радко“ е една од причините за неговото распуштање, според Европскиот суд не е доволно за да се распушти. Судот признава дека можна е појава на тензии кога една заедница се дели, но тоа е една од последиците на плурализмот. Улогата на властите во вакви случаи не се состои во елиминирањето на плурализмот, туку да се грижи разните конкурентни групи да се толерираат едни со други.

Судот од Стразбур како оштета на жалателите им доделува 5.000 евра, наместо бараните десет милиони и уште 4.000 евра за судски трошоци. Што се однесува до барањето на „Радко“ да биде регистрирано како политичка партија, Судот не гледаше причина да донесе пресуда со оглед на тоа што се применуваат други правила.

Europäischer Gerichtshof weist Klagen von Bodenreformopfern zurück

Судот се повикува и на слични предмети од другите земји

Издвоено мислење

Кон пресудата е додадено и издвоеното мислење на судијата Мирјана Лазарова-Трајковска, која во Стразбур заседава во името на Република Македонија. Таа беше единствената која гласаше против поради две причини. Најпрво, здружението „Радко“ не ги искористило сите внатрешни судски патишта во Македонија, како правото на жалба по одлуката на Апелацискиот суд од Битола, со која беше потврдено распуштањето на организацијата. Втората е поради нејзините длабоки несогласувања со целите на здружението, кои, според Трајковска-Лазаровска, претставуваат квасец за нетрпеливост и национална омраза.

Случајот „Радко“ има и политичка заднина, бидејќи во негова одбрана отворено застана бугарската влада. А според некои извори, од решението на овој предмет зависи и случајот со регистрирањето на партијата на македонското малцинство во Бугарија, „ОМО Илинден-Пирин“. Како што дознаваме, Софискиот суд вчера ја достави одлуката со која уште еднаш е одбиена регистрацијата на „ОМО Илинден-Пирин“.