1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Радиоактивноста во Фукушима зголемена за 10 милиони пати

Драматично зголемување на радиоактивноста во еден од реакторите на нуклеарката Фукушима. Сите работници кои работеа на ладење на реакторот се евакуирани. Експертите проценуваат дека кризата може да трае со месеци

default

Нивото на радиоактивност во нуклеарната електрана Фукушима 1 во североисточниот дел на Јапонија е десет милиони пати поголемо во споредба со периодот кога електраната работеше нормално, соопшти денеска компанијата што управува со електраната. Во водата од вториот реактор на Фукушима 1 е измерена радиоактивност 10 милиони пати поголема од вообичаената, кога реакторот работи нормално, наведува портпаролот на компанијата ТЕПКО, Такаши Курита. Во воздухот во реакторот број два е измерена радиоактивност од 1.000 милисиверти на час, што е далаку повеќе од дозволените 250 милисиверти годишно, додал Курита.

Поради големата радиоактивност отежната е работата за покренување на системот за ладење што престана да функционира по земјотресот и цунамито од 11 март, но на експертите им овозможи со поголема сигурност да ја утврдат причината за истекувањето на радиоактивната вода. Шефот на кабинетот на јапонската влада, Јукио Едано во телевизиска емисија изјави дека радиоактивната вода речиси сигурно истекува од јадрото на реакторот.

Евакуирани сите работници

Japan Fukushima Aufräumarbeiten

Поради ваквиот развој властите наредија евакуација на сите работници кои работеа на ладење на реакторите. Во четвртокот тројца работници беа хоспитализирани откако стапнале во вода со радијација за 10 илјади пати поголема од дозволената. Властите тврдат дека актуелното ниво на радијација, сепак, се однесува само на внатрешноста на централата, а надвор од неа, во непосредната близина, како и во Токио нивото на радијација била нормална.

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано проценува дека кризата во Фукушима би можела да продолжи со недели, дури и со месеци.

„Ова е многу сериозна состојба според сите стандарди. Далеку е од готово“, изјави Амано за Њујорк Тајмс.

Во текот на вчерашниот ден и денеска нивото на радијација во морето околу централата Фукушима изнесува 1.800 пати повеќе од дозволеното, иако експертите тврдат дека морската плима и струите ќе ги разводнат честичките и тие нема да претставуваат голема опасност за морската флора и фауна.

Автор: БГ/ројтерс/макфакс

Редактор: Жана Ацеска