1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Радикални промени“ во Северна Кореја?

Нови времиња во Северна Кореја? Илјадници луѓе во Пјонгјанг го славеа преминот во нова година со огномет. Шефот на државата Ким најави приближување кон соседна Јужна Кореја.

„Важна точка во прекинувањето на поделбата на земјата и повторното обединување е справувањето со конфронтациите меѓу Северна и Јужна Кореја“, изјави Ким Јонг Ун (на фотографијата) во говорот пренесуван од државната телевизија. Минатото покажува дека конфронтациите меѓу сонародниците не водат „кон ништо освен кон војна“.

Ова беше прв новогодишен говор на севернокорејскиот властодржец, откако дедото на Ким Јонг Ун, Ким Ил Сунг во 1994 година, годината кога почина, им се обрати на граѓаните. Ким Јонг Ун по смртта на својот татко и претходник, Ким Јонг Ил во декември 2011 година стана нов шеф на комунистичката држава.

Ким планира повисок животен стандард

Важна задача според Ким Јонг Ун во оваа година ќе биде подигнувањето на животниот стандард. 2013-та година ќе донесе „радикална промена“ во изградбата на стопанството. Северна Кореја треба во иднина да му се посвети на економскиот развој со иста упорност со која научниците успеаја при последниот ракетен тест, побара Ким. Сите економски мерки оваа година треба да бидат во служба на радикален развој и производство, како и подобрување на животните услови. Северна Кореја треба да стане „економски џин“.

Ким се залага и за „револуција во науката и технологијата“. Народот на земјата е осиромашен и често зависен од донациите на храна од странство. Стопанството во Северна Кореја поради меѓународните санкции воведени како последица на нејзината атомска програма, се наоѓа на дното.

Мал зрак надеж

Südkorea neue Präsidentin Park Geun-hye

Парк Геун Хје

Јужна и Северна Кореја формално се наоѓаат во војна од Корејската војна во 1950-та година. И Јужна Кореја неодамна разбуди надежи за приближување. Новоизбраната претседателка Парк Геун Хје најави подготвеност за средба со Ким Јонг Ун. Но, предуслов е Северна Кореја да се откаже од атомската програма. Тоа комунистичкото раководство во Пјонгјанг го отфрла. Но, симптоматично е што атомската програма Ким воопшто не ја спомена во неговиот говор.

Северна Кореја кон средината на декември предизвика загриженост со стартот на ракета со долг дострел. Според изјавите од комунистичката држава, со неа бил испратен сателит во земјината орбита за следење на временските услови. САД и ОН сметаат дека станува збор меѓутоа за старт на балистичка ракета, што на Северна Кореја и‘ е забрането со резолуција на Советот на безбедност на ОН.