1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Радикализација преку интернет

Според германските безбедносни власти, се зголемува бројот на екстремистичките индивидуални престапници, подготвени на света војна. Тие главно се радикализираат преку интернет.

Арид Ука има 22 години. Неодамна малиот и срамежлив млад човек беше осуден на доживотен затвор од страна на Вишиот покраински суд во Франкфурт на Мајна. Тој во март 2011-та на аеродромот во Франкфурт уби двајца американски војници и потешко рани двајца други. Убиствата ги направил откако гледал видео на интернет, кое покажувало наводно силување на муслиманска жена од американските трупи. А, тоа беше првиот исламистички напад на германска почва.

Кратко пред крвавиот напад Арид Ука, кој по потекло е од Косово, но е роден и пораснал во Германија, дошол во контакт со екстремниот исламизам. Кратко пред нападот си го променил профилот на Фејсбук и си ставил борбено име Абу Рејан. По двојното убиство беше поздравен на веб-страницата на Исламската унија за хакирање.

„Фала му на Бога, братот Абу Рејан уби двајца Американци во Франкфурт, а пукаше и повреди и двајца непријатели на Алах. Да му даде Алах сила и трпение. Братот Абу Рејан направи врвни перформанси, фала му на Бога“, беше запишано на нивната веб-страница.

Божји војници на интернет

А, кога терористот ја добива мотивацијата само преку интернет, тогаш е потешко да биде откриен, предупреди претседателот на службата за заштита на Уставот Хајнц Фром на европскиот конгрес на полициите во Берлин. На интернет идните борци за верата наоѓаат текстови, фотографии и видеа, кои многу брзо можат да ги претворат во екстремисти.

Deutschland Anschlag Frankfurt Flughafen 02. März 2011

Напад врз американски војници на Франкфуртскиот аеродром (2011)

Научникот од Саарбрикен Јудит Тинес во нејзината докторска работа ја истражувала присутноста на исламистите на интернет, анализирајќи 800 веб-страници. Таа вели дека откако почнала борбата против теророт во 2001-ва година, интернетот стана доминантен медиум на исламистичките терористички групи.

„Исламистите за оваа онлајн активност создадоа посебен израз – имено, електронска верска војна или електронски џихад. Скратено: е-џихад“, вели Тинес.

Џихадистите сметаат дека е-џихад во најмала рака има барем исто значење со борбата на физичкото борбено поле.

И германските веб-страници регрутираат терористи

Ако порано главно имаше арапски веб-страници со исламистичка содржина,

Deutschland Terror Al Kaida Drohvideo Video

Заканувачко видео од Ал Каеда до Германија

денес веб-страниците се на сите можни, па и западни јазици, вклучувајќи го тука и германскиот. А, тие низ виртуелната мрежа шират видеа со пропагандна содржина, кои ги радикализираат муслиманите на начин што покажуваат муслимански жртви мачени од страна на војници од Западот, забележува Бено Кепфер, специјалист за исламски тероризам во покраинската канцеларија за заштита на Уставот во Штутгарт.

„Ова се слики со кои се предизвикуваат многу силни емоции и кои исто така го затекнуваат младите луѓе и тие велат дека мораат да направат нешто против оваа неправда“.

Од Германија во Света војна

Еден кој бил уловен од таквите слики е и Абдула, попознат како Микдад, Авганистанец со германско државјанство од Есен. Тој во ноември 2010 пристигнал во Авганистан, за да се обучува во терористички камп за верски, „божји“ борци. Неколку месеци подоцна тој почина во близина на Кундус во престрелка со американските војници.

Микдад се смета за еден од зголемениот број нмлади џихадисти од Германија во Светата војна. Многумина од нив доаѓаат од фамилии со мигрантско потекло. Други, пак, се преобратени во ислам.

Таков е случајот со Ерик Брајнгер од Саараланд, најбараниот германски осомничен терорист, кој почна да се крие од 2007-ма година, а во април 2010-та почина во Пакистан на 23-годишна возраст.

Или како трите брачни двојки од Берлин, кои во 2010-та година отпатуваа на авганистанско-пакистанската граница за да се посветат на борбата против неверниците.

„Џихадистите стануваат се‘ помлади. Тоа може да значи малолетници на возраст од 12, 13 или 14 години, на кои преку пропаганда им се објаснува што е добро, а што е лошо и каде се крие непријателот“, укажува заштитникот на Уставот Бено Кепфер.

Автор: Бетина Маркс / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска