1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Работни места или здравје?

Ноќни летови од аеродромот во Франкфурт остануваат и натаму забранети. Жителите им се радуваат на тивките ноќи, а стопанството е загрижено дека не ќе може да им одговори на обврските.

На аеродромот во Франкфурт има 500 000 полетувања и слетувања годишно, до 2020 година бројката треба да се покачи на 700 илјади. Градот Раунхајм е оддалечен 4 километри од пистата на која слетуваат авионите и од општините во регионот е најсилно изложен на авионска бучава. Уште полошо би било ако се лета и ноќе, вели градоначалникот Томас Јие, кој истовремено е и претседател на Комисијата за авионска бучава. Градот во 24 часа доживува и до 700 прелети на авиони на 300 метри височина. При секој прелет е толку бучно - околу 80 децибели, што веќе не е можен разговор; во такви услови ноќе веќе никој не може да спие, вели градоначалникот Јие.

Франкфуртскиот аеродром како економски фактор

Граѓаните на Раунхајм, разбирливо, го поздравуваат решението од највисока судска инстанца во Германија за апсолутна забрана за ноќни летови. Се’ поголема е бројката на оние кои со години се борат против бучавата од авионските турбини над нивните покриви. Но, франкфуртскиот аеродром има големо економско значење за регионот Рајна-Мајна. Тој е најголема крстосница за воздухопловниот сообраќај во Германија и еден од најголемите карго-пунктови во Европа. Таму во 2010 беше регистриран промет на 2,3 милиони тони стока во авиопревозот. На аеродромот се вработени околу 71 илјада луѓе во околу 500 претпријатија и институции. Забраната за ноќни летови ќе остави без работа околу илјада луѓе во тој регион, проценува Клаус-Хајнер Рел од Институтот на германското стопанство од Келн, и истовремено укажува дека доколку ноќните летови бидат префрлени на аеродромите Келн/Бон и Лајпциг/Хале, тогаш таму ќе бидат отворени нови работни места.

Посериозни последици за стопанството ќе има ако забраната за ноќни летови биде проширена врз сите германски аеродроми. Во тој случај претпријатијата би претрпеле поголеми економски штети. Ноќните летови би морале да бидат префрлени во соседните држави, Германија би била одвоена од светот и тоа би предизвикало штети за неа како извозна нација, вели Клаус-Хајнер Рел.

Намалена добивка на Луфтханза карго

Последиците од забраната за ноќни летови во Франкфурт, воведена ненадејно во октомври минатата година, а сега и дефинитивно судски потврдена, веќе ги почувствува водечкиот германски товарен авиопревозник Луфтханза карго. Добивката лани му е намалена за околу 20 милиони, а годинава ќе биде за околу 40 милиони евра, поради неможноста да се лета помеѓу 23 часот навечер и 5 часот изутрина. Кратко време по забраната, Луфтханза карго радикално ја промени организацијата на својата логистика. Два од нејзините 69 ноќни летови неделно беа укинати, 11 привремено преместени на аеродромот Келн/Бон, а преостанатите беа префрлени во текот на денот. За претпријатието не доаѓа предвид тежиштето на товарниот сообраќај да се премести во Лајпциг или на аеродромот Хан.

Авионската бучава го загрозува здравјето

Protest gegen Ausbau des Frankfurter Flughafens

Протест против ноќните летови на аеродромот во Франкфурт

Но, во сметките во врска со забраната за ноќни летови, освен стопанскиот, треба да се внесе и еден друг аспект: се потценува ризикот по здравјето на луѓето, па Сојузниот завод за еколошка заштита смета дури дека е неопходна и општа забрана.

Уве Брендле, претставник на Заводот, вели дека последица од изложеност на луѓето на бучава се оптоварување на срцето и крвотокот, како и нарушување на сонот. Кога луѓето заболуваат, настануваат и други трошоци, на пример во врска со зголемениот број на болни или дури и на предвремени смртни случаи, објаснува Брендле. Комисијата на ЕУ, според наводи на Сојузниот завод за еколошка заштита, ги проценува на 40 милијарди евра годишно трошоците настанати поради авионската бучава. Бренделе вели дека според пресметките на Заводот „во регионот на Франкфурт на Мајна во наредните десет години можат да настанат дополнителни трошоци од 400 милиони евра за третман на пациенти со проблеми со срцето и крвотокот предизвикани од авионската бучава“.