1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Работнички е само име на хартија

Без извор на финансирање (долгогодишниот спонзор Фершпед не е веќе во можност да дава пари) одбојкарскиот клуб Работнички отстапува од сите натпреварувања во претстојната сезона. Клупската активност згаснува.

default

Не беше толку одамна, само пред две сезони, одбојкарите на Работнички беа моќни, беа дел од европскиот клупски врв. Во Италија играа на завршниот турнир од Топ-тимс купот.

Работнички денеска е само име на хартија,

Josko Milenkovski

Јошко Миленковски

кое во наредните денови ќе биде избришано од македонската одбојкарска карта.

Без извор на финансирање, долгогодишниот спонзор Фершпед не е веќе во можност да дава пари, Работнички отстапува од сите натпреварувања во претстојната сезона. Клупската активност згаснува.

Јошко Миленковски, актуелниот тренер и еден од актерите во освојувањето на 18 првенствени и 13 куп титули на Работнички, е со објаснување:

„Нашиот одбојкарски и спортски бренд запира со активност, со тренажниот процес, со настапот во македонската лига и во европските купови. Се‘ што се случуваше во изминатиот период од една година значеше работење во ненормални услови за спортување. На крај, дојдовме во ситуација за комплетно запирање на клупската активност.“

Работнички ја дели судбината на повеќе згаснати спортски великани

Зоран Карановиќ, генерален секретар на ОФМ, инаку поранешен играч на Работнички од неговото формирање во 70-те години, го потврдува крахот на македонската одбојкарска перјаница.

„Работнички е клуб кој со години даваше врвни репрезентативци, имаше стабилна финансиска поддршка, клуб со професионални односи... Оваа година не се пријави и во наредната сезона лигите ќе стартуваат и без машката и без женската екипа на Работнички.“

Zoran Karanovic

Зоран Карановиќ

Рабонички ја дели судбината на повеќе македонски спортски великани кои згаснаа или се соочуваат со истите проблеми. Миленковски вели дека клубот нема ниту најелементарни услови за активност:

„Ние во моментов немаме сопствен дом за обавување на активностите. Минатата сезона бевме буквално избркани од салата во Градски парк, која беше наш дом и храм на македонската одбојка, каде што го афирмиравме и градот и земјата. Веќе немаме ни простор, ниту средства за котизација за учество во лигата, за судиски трошоци, за патувања, за организирање на патувањата, за се‘ што бара врвниот спорт.“

Зоран Карановиќ смета дека како и во многу други слични ситуации ќе отсуствува некаква подлабока анализа за ваквите случувања во македонскиот спорт:

„Дали некој ќе се потруди да направи анализа, зошто еден таков спортски бренд исчезнува, јас лично се сомневам. Ова е одраз на целокупната состојба во општеството. За жал кај нас транзицијата се‘ уште трае, а ние се‘ уште не се снаоѓаме во таа транзиција!“

Македонската одбојка, спорт со долга традиција, останува без клубот кој беше носечки столб во изминатите две децении. Без единствената средина, која отскокнуваше со професионалните релации, која ги собираше најдобрите македонски одбојкари.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска