1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Работниците во Фукушима не се доволно заштитени

Јапонската агенција за надзор над работењето на атомските централи ја критикува фирмата Тепко, која управува со хаварисаната централа Фукушима 1, поради недоволна заштита на работниците.

Фукушима 1

Фукушима 1

Тепко мора да ги заштити работниците од зрачење, изјави денеска (01.04) портпаролот на јапонската Агенција за надзор на работата на атомските централи, Хидехико Нишијама. Според Агенцијата, Тепко не ги снабдил работниците по катастрофата од 11 март доволно со апарати за мерење на радиоактивноста. Досега 21 работник беше изложен на зрачење од над 100 милисиверти, а повеќемина работници од Фукушима беа пренесени во болница поради озраченост.

Денеска јапонските нуклеарни власти, инаку, го демантираа Тепко и соопштија дека вредностите на радиокативност на водата измерени во хаварисаната атомска централа Фукушима 1, што ги соопшти вчера фирмата, се повторно неточни. Откако Тепко извести дека во водата под централата е констатирано присуство на радиоактивен јод во количество 10.000 пати повисоко од нормалното, јапонските атомски власти денеска соопштија дека измерените вредности се делумно неточни. Ова не е првпат Тепко да измери погрешно. Од катастрофалниот земјотрес и хаваријата на атомската централа Фукушима 1, фирмата која управува со централата постојано е предмет на критика поради својата политика на информирање. Портпаролот на јапонската влада Јукио Едано, кој денеска не исклучи можност од подржавување на Тепко, вети:

„Тепко повторно ќе ја испита радиоактивноста на водата“.

Повторно неточни вредности на радиоактивност

Повторно неточни вредности на радиоактивност

Обиди да се спречи ширење на радиоактивната прашина

На руините на Фукушима 1 работниците денеска се обидуваат повторно да ги обложат урнатините со вештачка смола, која би требало да спречи ширење на радиоактивната прашина. Вчера обложувањето беше прекинато поради дожд.

Јапонскиот премиер Наото Кан, во меѓувреме, ја најави својата прва посета во кризниот регион по катастрофата од 11 март. Тој утре (02.04) ќе ги посети уништениот град Рикузентаката и префектурата Фукушима, каде е хаварисаната централа, но најверојатно нема да ја обиколи и централата, јави агенцијата Кјодо.

Во Јапонија утре ќе отпатува и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле. Со посетата на Токио Вестервеле има намера да ја истакне солидарноста на Германија со јапонскиот народ.

По разурнувачкиот земјотрес и цунамито, досега официјално се избројани 11.600 загинати. Како исчезнати се‘ уште се водат околу 16.500 луѓе.

Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/афп/дв

Редактор: Симе Недевски

DW.COM