1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Работа во Швајцарија

Од 1 јуни странски работници и самостојни фирми можат да работата 90 дена во Швајцарија без работна дозвола. Доволно е пријавување во одговорната кантонална служба.

Само во кантонот Базеланд веќе се пријавија 400 работници, главно во градежништвото – столари, молери или гипсери. Две третини од нив доаѓаат од Германија. Сега се појавија проблеми поврзани со оваа можност.

Лиштал, главен град на кантонот Базеланд. Херман Гаул со своето комби се упатува да изврши контрола:

“Ова е Голдбрунен штрасе. Тоа е постар кварт. Потребата од санација е очигледна, нели“?

Во една едносемејна куќа се монтира нова кујна, од германска фирма. Работат двајца. Гаул весело се претставува и ги покажува документите. Едниот од Германците е шеф, другиот негов службеник. Тој мора да му објасни на Гаул колкава дневница ќе му исплати на работникот и колку ќе работи. Разговорот е пријатен. Германците се претставуваат. Столарот Ридигер Јунг доаѓа од Хановер:

“Јас во секој случај сум за тоа да има контрола, за да се види кој доаѓа, но и да се има преглед. Да, тоа е сосема во ред“.

Неговиот шеф Франк Штукел е самостоен мајстор за кујни од јужниот дел на Шварцвалд. Тој редовно добива и исполнува налози во Швајцарија:

“Мислам дека е одлично ова што го направија во Швајцарија. Посебно за оние што се постојано во Швајцарија. За нив ќе биде поедноставно“.

Сите во оваа земја мораат да се придржуваат кон законите. При прекршување казната е парична или неможност да се работи. Контролорот Гаул од 1 јуни веќе има направено 60 контроли во Базеланд:

“Најмалку една третина на некој начин не беше во ред. Во многу случаи станува збор за дневницата, бидејќи германските дневници се пониски, а овде има плус и 13 плата. Во Германија таа е оставена на желбата на работодавачот“.

Најниските дневници во градежништвото во Базеланд изнесуваат меѓу 16 и 19 евра за час. Тоа можеби звучи многу, но животот во Швајцарија е исто така скап. При контролата кај Германците што работат во Швајцарија, Гаул открил дека се исплаќаат меѓу 11 и 13 евра, во еден случај дури и 9. Многу за Германија, но Швајцарците имаат проблем. Маркус Маер, заменик директор на стопанската комора во Базеланд:

"Швајцарските работодавачи на овој начин од страна на странските фирми се соочуваат со дополнителна конкуренција, па мораат да се пресметаат: дали да калкулираат по час 28 швајцарски франци или пак 9 евра“.

И синдикатот страхува дека на ваков начин ќе се наруши системот на плаќање во градежната бранша. Оттаму во Базелнад, кантонот, работодавачите и синдикатите основаа заедничка контролна комисија што ја води младиот Даниел Шпинлер. Освен контролата слична на онаа што ја врши Гаул, комисијата собира и информации:

“Секако имаме интерес германските работници да знаат што ги очекува. Не сакаме да правиме проблеми, туку луѓето да го добиваат она што им припаѓа“.

Базеланд важи како пример. Во други кантони не се контролира толку строго. Од тие причини нема податоци за дампинг дневници што го иритира синдикатот. Тој смета дека се потребни повеќе контроли и казни како што предвидува законот. Ако состојбата не се подобри, тогаш преку референдум ќе побараат да се спречи слободата на движење да се прошири и врз новите земји-членки на Европската унија. Но, токму тоа Швајцарија преку договор веќе и го вети на Унијата.