1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија за 20 илјади среќници

Обработка: Е.М. Фиданоска (тац, дпа)8 септември 2015

Граѓаните од шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, од наредната година би требало полесно да доаѓаат до работно место во Германија. На оваа тема денеска се осврнува весникот „Тагесцајтунг“.

https://p.dw.com/p/1GSdn
Фотографија: dapd

„Деталите се‘ уште не се јасни, но целта е потенцијалните рбаотници да бидат спречени во поднесувањето политички азил во Германија. Тие можат да дојдат и овде да работат, без притоа да мораат да поставуваат најчесто безизгледни барања за азил“, се вели во текот на ТАЦ под наслов „20.000 среќници“.

Во текстот се потсетува дека министерката за труд и социјала Андреа Налес најави дека ваквото правило ќе важи пет години (секоја година по 20.000 работници) и дека работниците од Балканот ќе можат кај себе да ги повлечат и семејствата. Натаму се вели:

„За разлика од денес, барањето работа во Германија за нив ќе биде полесно, затоа што ќе може да бараат работа без доказ за квалификуваноста. Денес, барањето работа, на пример, е условено со признавање на квалификациите од страна на надлежните комори, или пак професијата треба да е една од оние во кои има недостиг од стручњаци, односно платата е натпросечна. Освен тоа, во случајот на овие 20.000 работници нема да важи постапката за предност, која вообичаено важи за сите работници од странство (прво се проверува дали на пазарот на работна сила за тоа работно место има кандидат Германец или човек од ЕУ, а дури потоа се вработува лице од т.н. трети држави, н.з.). Значи, лица од Албанија или од Црна Гора ќе смеат да се вработат дури и ако има кандидати Германци. Тогаш, практично, барањето работа ќе се одвива вака: на граѓаните до Косово и натаму ќе им биде потребна виза за влез во Германија, а на граѓаните од останатите пет држави не (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, н.з.). Тие во Германија можат сами да бараат работа. Агенцијата за работа мора да потврди дека условите на работа одговараат на законите и тарифините договори. На крајот, доселениците добиваат дозвола за престој и за работа од страна на службата за странци“, информира ТАЦ.

Што тргна наопаку на Балканот?

Агенцијата ДПА денеска прашува - зошто десетиците илјади експерти и дипломати и милијардите евра не ја подобрија досега состојбата на Балканот, па луѓето масовно бегаат од регионот? Што тргна наопаку, прашува авторот Томас Бреј во анализата на оваа тема, во која, меѓу другото, се вели:

„Лидерот на босанските Срби Милорад Додик со години својата лутина и потсмев ги празни на адреса на јатото меѓународни претставници во неговата татковина. Дипломатите и експертите се ’шестокласни службеници кои тренираат за утре да можат да се појават во некое кризно подрачје’, гласи неговото малку пријатно кредо. Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај минатата недела тврдеше дека политиката на ЕУ на Балканот е ’докажано неуспешна’.

И германскиот министер за развој Герд Милер зборува слично. ’Кај многу проекти на ЕУ ми се јавува сомнеж дека средствата се вложуваат ефикасно’, рече тој за магазинот ’Фокус’. Навистина, сите напори на ЕУ и САД по југословенските војни (1991-1999) не успеаја да ги решат проблемите во регионот. Осиромашеното население насекаде во регионот смета дека политичката класа е длабоко корумпирана. Таа ги гмечи медиумите, манипулира со судството и државната администрација како што сака и дозволува и онака слабата економија да пропаѓа и натаму. Западните претставници, пак, упорно ги фалат наводно големите реформски чекори... Очигледно ниту САД ниту ЕУ немаат реален мастер-палн за регионот. Притоа, бројот на странски претставништва во секоја од земјите е речиси непрегледен. ММФ, Светска банка, ЕБРД, ОБСЕ, ОН со сите свои подорганизации, приватни и политички фондации, културни и развојни организации од сите можни земји, како и десетици амбасади и конзулати има во секоја, дури и најмала земја. Великодушно се поддржуваат повеќе стотици невладини организации, за кои понекогаш не е јасно какво позитивно влијание воопшто имаат“, се вели во анализата на ДПА.