1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Работа без партиска книшка – што беше тоа?!

Во Македонија до работа во јавната администрација се доаѓа исклучиво преку партиска книшка. Младите стручни, а непартиски определени се’ повеќе се апатични и фрустрирани. Има ли шанса да се стави крај на оваа практика?

default

Целосната исполитизираност на државата најлесно може да се забележи преку гломазната јавна администрација на локално и уште повеќе на државно ниво. Во услови кога економијата има надолен тренд, единствена сигурна и добро платена работа се смета буџетскиот леб, вели социологот д-р Љупчо Врангалоски: „За жал, ни една политичка структура во Македонија не изгради реална и јасна остварлива стратегија на департизација и професионализација на јавниот сектор. Како резултат на тоа подолго време се појавува превработеност во јавниот сектор и непрофесионалност во него. Тука посебно страдаат младите кои се хендикепирани во стартот.“

„Учи за да бидеш човек.“ Дали е доволно само тоа?

Struga Innenstadt, Mazedonien

Уште кога бев мал ми велеа; „Учи за да бидеш човек. Каков човеку сум јас без работа?“ Ова е мотото под кое Младинскиот образовен форум од Струга се реши јавно да го отвори прашањето со начинот на вработување на млади стручни кадри во Македонија и одливот на младите мозоци во светот, објаснува Бранкица Затаракоска, координатор на форумот, која дел од вината ја гледа и кај младите: „Сите очекуваат да почнат од некаде високо. Немаат практика, а сакаат да стигнат до некој повисок степен во општеството. Тоа не е возможно без да се поминат одредени фази. На трибината дојдоа околу 40-на луѓе што е мала бројка. Сега тврдам дека причината за се’ што се случува е незаинтересираноста на младите сами да се организираат. Не може да се чека некој да сервира, нешто – некому. “

Затаракоска признава: „Постојат случаи кои не можат да се вработат и покрај тоа што се трудат и волонтраат ... “

Партиските книшки – виза за добро платено работно место

Независност наспроти партиските книшки кои се јавна тајна. Бранкица Затаракоска е децидна: „Лично не знам таков случај, ама претпоставувам дека има.“

Studenten - Uni Skopje

Даниела отворено го детектира проблемот за сопствената апатичност и фрустрираност на илјадници млади во Македонија: „Дел сум од армијата невработени со високо образование. Жално е што живееме во време кога царува партиската книшка и е многу поважна од образовното ниво. Но, што да правиме ние кои не сме политички обоени. Можеби поголемиот дел решението го гледаат во напуштање на земјата.“

Медиумите се преполни со огласи, кои под сомнителни околности им нудат рај на оние, кои кренале раце од тоа дека родната земја ќе им даде шанса. Образованите и талентираните без проблем ги прибираат земјите кои го ценат знаењето. Бројките се поразителни. Над 309.000 лица во Македонија се без работа. Според Државниот завод за статистика невработеноста наместо да се намали се зголемува.

Потребна млада критична маса која ќе рече стоп за партиските вработувања!

„Во овој момент не гледаме некои перспективи. Веќе е зрело некое време во кое треба да очекуваме младите луѓе се’ повеќе да изразат бунт, тие на некој начин се најголеми жртви на транзицијата за жал“, заклучува социологот Врангалоски.

Младинскиот образовен форум покрај во Струга е присутен и во Скопје, Тетово, Битола и Штип и секаде има по три клуба. Вербал клубот на младите им нуди стекнување со ораторски способности за да можат да излезат пред одредена маса на луѓе да го кажат својот став. Е клубот ќе ги учи на електронски вештини, во Арт клубот ќе се усвојуваат вештини во фотографирање, музика и филм.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска