1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Работа без пари-препорака за работно место

Во Европа 2011-тата е прогласена за година на волонтерството. Во земјите од Западна Европа волонтирањето е традиција. Колку младите во Македонија се заинтересирани да волонтираат и кои се предностите?

default

За младите во Македонија волонтерството е потешко поради економскиот притисок

Волонтирањето е желба на луѓето да работат за доброто на другите! Оние кои волонтираат патуваат, учат јазици, стекнуваат нови работни искуства, вештини, знаења... Вакви се мислењата на волонтерите, кои прифаќаат доброволно да работат, без да добијат паричен надомест?

Гордана Пирковска Змијанац е основач на Првата детска амбасада – Меѓаши, каде во моментов активно волонтираат дваесетина млади луѓе.

Во разговор за Дојче веле за искуството со волонтерите вели: „Младите денес се заинтересирани за волонтирањето, но сега постојат други аспекти кои на некој начин го спречуваат волонтирањето. Можеби тешката економска ситуација и невработеноста најмногу влијаат на состојбата. Често пати младите бараат место каде што може да волонтираат, а потоа таа препорака ќе им помогне за вработување. Разликата е во тоа што во минатиот период оние кои доаѓаа да волонтираат навистина тоа го правеа од желба нешто да променат во заедницата. Денес приодот кон волонтирањето е малку поинаков. Забележувам дека многу млади кои доаѓаат кај нас, важно им е само да добијат препорака. Некои од нив ќе дојдат по пет-шест пати и потоа бараат препорака која ќе им помогне за вработување. Ние немаме проблем со тоа, но сметам дека вистинското волонтирање значи нешто друго“!

Волонтерството во Македонија е промовирано

Renovabis Sozialprojekt: Älterer Bruder - Ältere Schwester

Волонтерската работа се бара во различни области

Одговор побаравме и од Ѓоко Вукановски, член на невладината организација Волонтерски Центар Скопје, која им помага на младите да се вклучат во волонтерска работа во Македонија и во странство.

Тој смета дека волонтерството во Македонија е доволно промовирано: „Ако направам споредба со 2008 и 2009 година, во 2011 година, во однос на комуникацијата што ја имаме со младите, навистина имаат голем интерес да волонтираат. Всушност со прогласувањето на 2011-тата за година на волонтерството се создаде можност повеќе да ги активираме младите во волонтерски активности.“

Волонтерската работа не се цени доволно

Бранко Пешевски има 27 години и веќе петта година волонтира на проекти за деца и млади во Македонија, a волонтирал и во Словенија. Тој вели дека волонтерското искуство му помогнало да добие професионално вработување:

Patenprojekt für Hauptschüler

Младите се надградуваат при волонтирањето

„Кај нас се’ уште волонтерската работа не е доволно ценета! Општата слика за волонтирањето е дека тоа е работа за која не се добиваат пари и дека од таа работа нема никаква добивка во однос на личното надградување. Искуството кое се добива од волонтирањето е многу важно. Тоа е бесценето!“

Во земјите од Западна Европа волонтирањето е традиција, а подобриот животен стандард им дозволува на луѓето полесно да прифатат волонтерска работа, вели Себастијан Шварцер, Германец кој повеќепати волонтирал во својата земја, во Грузија и во Македонија. Моментално работи во Детската амбасада „Меѓаши“ во Скопје на програма за мировно образование.

„Мислам дека полесно е да се волонтира во Германија отколку во Македонија или Грузија, бидејќи луѓето се ослободени од економскиот притисок, има подобар животен стандард и можат повеќе да се посветат на работи кои ги прават без да земаат пари. Затоа сметам дека е потешко во Македонија или во Грузија каде младите мораат да почнат да работат многу порано и немаат можност да посветат повеќе време на сопствениот развој“, вели Себастијан Шварцер.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Ж.Ацеска