1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Работата „на црно“ ја кочи македонската економија

Меѓународната организација за миграции покрена иницијатива за широка кампања и во Македонија против искористувањето и злоупотребата на работната сила од страна на работодавачите.

default

Текстилна фабрика во Штип

Очекувањата од кампањата се тоа да се намали колку е можно повеќе, да се внесе етичка димензија во бизнисот и сосема конкретно: да се потттикне свеста кај корисниците на услуги и производи во земјата да не ги поддржуваат работодавачите, кои ги експлоатираат безобѕирно работниците.

Што велат експертите за димензиите на оваа негативна општествена појава?

Милан Вучев, магистер по социјална политика коментира: - „Законодавството во Република Македонија се подобрува. Контролниот систем на државниот инспекторат за труд и заштита при работа врши се повеќе надзори на теренот.“

Милева Ѓуровска, професор по социологија на трудот на Државниот универзитет во Скопје, се надоврзува: - „Според нашите социолошки анализи, бројката на неформално ангажираните работници, меѓу кои спаѓаат не само оние што работат ’на црно’, туку и сите други работни ангажмани за кои не се плаќаат даноци и придонеси, изнесува околу 13 отсто од вкупната бројка на невработени во земјата.

Во 2008 година- 15.600 непријавени работници,а во 2009 – та до ноември уште 2.900

Kroatien Land und Leute Arbeitslose in Zagreb

Повеќе од 15 илјади работници во Македонија, лани не биле пријавени

Инспекторатот за труд во рамки на Министерството за труд и социјална политика на својата веб – страница има објавено дека во 2008 година открил околу 15.600 непријавени работници, поради што изрекол околу 4700 забрани за работа во вид на едномесечно затворање на односните фирми, во кои работеле и не биле осигурени тие работници. Резултатите од овие казни биле: работодавачите пријавиле потоа за вработување околу 12.800 лица. Во периодот од јануари заклучно со октомври годинава трудовите инспектори откриле околу 2900 лица, кои работеле „на црно“ и поради тоа привремено биле затворени околу 400 фирми во земјата.

Професорката Ѓуровска вака ја опишува состојбата во која се наоѓаат оваа категорија работници: - „Тие сносат многу тешки последици. Немаат каде да се жалат, бидејќи се надвор од сите правни регулативи. Ја продаваат својата работна сила и единствениот надоместок што го добиваат е некакваси плата, но не користат никакви социјални бенефиции: немаат ниту социјално осигурување ниту пензиско осигурување. Тие лица можат да работат 2, 3, или 4 години, меѓутоа, тоа им се залудно загубени години, бидејќи не им тече стаж и тие не можат да остварат социјални бенефиции за иднината – пензии.“

Ѓуровска дополнува: - „Оваа категорија работници се надвор од заштитата на законите – не можат да ги користат правата од работен однос. Дословно: газдите прават што сакаат со нив. Тие немаат ниту регулирано работно време: сопственикот на фирмата може да му рече: ’Ти ќе останеш на работа уште 3 часови, кои нема да ти се платат. Ако не прифаќаш, можеш да си заминеш.’ Кога се отпуштаат непријавените работници, не добиваат никакви парични надоместоци. Ова се многу тешки последици не само за таквата работна сила, туку на подолг временски рок и за општеството. Не на краток, бидејќи ако постојат неформално ангажирани работници, оштеството нема да се распадне, напротив, тоа функционира. Ваквиот пристап и опстојувањето на неформалниот пазар на трудот носи последици за општеството на многу подолг рок, можеби на 20, 30 години, водејќи го во застој.“

Последици и за социјалниот систем

Магистер Вучев укажува и на една сериозна општествена последица од прикривањето на работната сила: Тоа ги оптоварува социјалните системи, конкретно, системот за социјална заштита: непријавените работници ги користат средствата од него, иако не е партиципирано за нив во него.“

Во Тетово постои еден карактеристичен пример: веќе шест години работи една мала фабрика за чевли со бројка од 30, 50 до 100 – тина работници и таа гоп има постојано само вториот дел на своето име „ ... – Шус“. Како кој газда ќе дојде, така само си го додава своето име пред ова „Шус“, ги експлоатира работниците, а потоа му ги препушта на друг, сосе машините. Работниците тврдат дека постои доброорганизирана шема, која се применува и во други приватни фирми во Македонија: наводно, дека редовно по истекот на 6 месеци, или најмногу до една година, постојната фирма се ликвидира и се основа нова. Така веќе шест години без да плати кој било од газдите ниту еден денар за пензиското и здравствено осигурување на работниците, со плати кои ги добиваат тие од 6 илјади до 7 илјади денари за напати десеттина часови тешко работгење и со неретки закани за бркања од работа. Неодамна за да влезат токму во тоа претпријатие пазарните и други инспектори мораа да бараат асистенција на полицијата.

Вишиот полициски советник за економски криминал во Министерството за внатрешни работи Николче Петковски истакнува: - „ Фабриката се вика ’Алпина – Шус’. Имавме некои пречки на стартот: таа беше заклучена. И работниците внатре беа под клуч. Но, со интервенцијата ја отворивме фабриката.“

„Потребни се и стимулативни мерки и политики со соодветни финансиски фондови“

Mazedonien Land und Leute

Експертите предлагаат стимулации за работодавачите

Зоран Вучев, како експерт за социјална политика, посочува што би можело конкретно да се преземе да се редуцира непријавувањето на работниците, како компонента на „сивата економија“: - „Што направиле другите земји, како да го стимулираат работодавачот? Значи, не само примена на казните да го оттргнат од непријавувањето на работниците, туку постојат и стимулативни мерки: ослободување од данок, одредени бенефиции за вработување некои ризични групи. Во развиените земји постојат и фондови во кои се издвојуваат финансиски средства било од страна на државата, било од страна на работодавачите. Со помош на тие фондови се креираат такви активни стимулативни политики. Такви политики се создаваат и постојат и во Македонија, но со помали чекори и со помали средства.“

Работниците од „сивата зона“ на пазарот на трудот во Тетово не сакаат ниту еден збор јавно да проговорат за својот статус: кај нив владее масовен страв да не ги загубат и тие места, кои едвај ги имаат, макар што не им се плаќаат никакви придонеси и што немаат никакви права од работниот однос.

Прашавме еден сопственик на приватна фирма од областа на трговијата: на што се должи непријавувањето на работниците? Инсистирајќи да остане анонимен, тој одговара: - „Економската состојба во државата не остава некој голем простор: не верувам дека некој е во состојба да ги плати давачките прво за себе, па потоа и за вработените. Кога не ги плаќаме придонесите и другите давачки ни ги блокираат сметките и не знам колку е тоа правилно.“

автор: Свето Тоевски/БГ

редактор: Борис Георгиевски