1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Работата мириса на сматок

Скандалот што го предизвика сточната храна заразена со диоксин продолжува да се шири низ Германија, а властите се` уште не можат да го согледаат точниот обем.

default

Покраината Баварија е деветтата по ред покраина каде се пронајдени јајца и месни производи што ја содржат отровната состојка. Според најновите податоци, во покраината Баварија биле увезени над четиристотини илјади јајца од Долна Саксонија, заразени со диоксин. Помал дел од јајцата биле понатаму продадени на фирми што се занимаваат со нивна преработка. Во меѓувреме, се проценува дека три илјади тони сточна храна се затруени од канцерогената состојка, што е далеку повеќе отколку што претходно се сметаше. Во вторникот (04.01) властите говореа за само петстотини тони. Со оглед на тоа што во сточната храна обично се додава само мало количество масти, вистинскиот обем на катастрофата можеби ќе биде уште поголем. Германскиот сојуз на фармери побара обештетување на производителите и измени на законот за производство на прехранбени производи и сточна храна.

Кривично дело

Dioxin-Skandal 04.01.2011

Сојузот засега се` уште не гледа поголеми опасности по здравјето на потрошувачите. „Првите податоци покажуваат дека нивото на диоксин во заразените јајца и месо е далеку под дозволената граница“, истакна генералниот секретар на Сојузот, Хелмут Борн, додавајќи:

„Виновни се претпријатијата, кои ги произвеле затруените маснотии. Тоа што го сториле е кривично дело“, истакна Борн и побара одговорните да ги надоместат штетите на фармерите, кои мораа да уништат голем број живина и јајца.

Построги контроли

Dioxin-Skandal 04.01.2011

Политиката, пак, реагира на скандалот со повици за построги контроли и повисоки казни за претпријатијата кои го прекршуваат законот. Сојузната министерка за заштита на потрошувачите Илзе Ајгнер побара и поголема транспарентност:

„Како можело да дојде до заразување на маснотиите и на готовата сточна храна е прашање со кое се занимава и државното обвинителство. Властите интензивно работат на истрагата и претресот на фирмите, што оди многу тешко. Во иднина и тоа би требало да се промени“, истакна Ајгнер.

Смртни закани за управникот

Скандалот „тргна“ од фирмата за производство на маснотии за сточни храна „Харлс и Јенч“ од Шлезвиг Холштајн. Нејзиниот управник Сигфрид Зиферт, меѓу другото, се соочува и со смртни закани. Полицијата е веќе запозната со случајот и ги презема неопходните мерки. Во електронските пораки што ги добил Зиферт се наведува дека вработените во фирмата се „убијци“ и дека ќе платат за стореното. Компанијата денеска треба да изврши увид на финансиската состојба, по што ќе одлучи дали ќе пријави инсолвенција.

Автор: ТТ/ЕМФ/дапд/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM