1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пaрагвајскиот претседател разрешен од должност

Парагвајскиот претседател Фернандо Луго е разрешен од должноста. За разрешување, по долниот дом на Парламентот, вчера гласаше и Сенатот.

Триесет и девет од 43 сенатори гласаа за разрешување на претседателот на државата Фернандо Луго поради „лошо извршување на должноста“ во врска со крвавите протести на селаните. Во четвртокот за разрешување гласаа и 76 од 80 пратеници во долниот дом на Парламентот. Луго изјави само: „Како претседател велам довидување“.

Политичарот на левицата е обвинет дека е одговорен за смртта на 17 луѓе во судирите на северот на земјата меѓу полицијата и селаните, што се случија пред неколку денови. Загинаа единесетмина селани и шестмина полицајци.

Оние што се на страната на Луго во Сенатот нагласија дека на претседателот не му било оставено доволно време за подготовка на неговата одбрана. На шефот на државата му беа оставени само два часа на располагање за да ги нотира своите аргументи и да ги изнесе пред сенаторите. Организацијата на американски држави го критикуваше разрешувањето на Луго како „избрзано“. Министрите за надворешни работи на Унијата на јужноамерикански држави соопштија дека постапката во Парламентот претставува закана за демократскиот поредок. Политичките противници на Луго имаат мнозинство во двата дома на Конгресот.

По гласањето во Сенатот, пред парламентарната зграда дојде до безредија. Дел од демонстрантите поддржувачи на Луго нападнаа полицајци, кои потоа употребија солзавец и водени топови. До изборите во Парагвај функцијата претседател ќе ја извршува потпретседателот Федерико Франко.