1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пјонгјанг ја заострува воената реторика

САД „многу сериозно“ ги сфаќаат заканите од Северна Кореја: властодржецот во оваа земја сака да „расчисти сметка“ со Вашингтон. Тој веќе издаде наредба за подготовка на ракетите за можни напади врз цели во САД.

Во случај на „безобѕирни“ провокации од страна на САД, силите за безбедност на Северна Кореја би морале „безмилосно да го нападнат американското копно и воените бази на пацифичките острови Гуам и Хаваи, како и нивни бази во Јужна Кореја“, го цитира новинската агенција КЦНА севернокорејскиот властодржец. Ракетите кои се ставени во состојба на готовност по итната седница на Ким Јонг Ун со водечките воени лица би требало да можат во „секое“ време да бидат активирани, се вели од Пјонгјанг. Било „дојдено времето да се подмират сметките со американските империјалисти“.

„Атомска војна по секоја цена“

Претставник на војската на Јужна Кореја рече дека во базите каде се стационирани ракетите во Северна Кореја е регистирирано значително зголемување на активностите на лица и возила. Меѓутоа не се знае дали севернокорејските ракетни капацитети се доволни да стигнат до американско копно.

Kim Jong Un Beobachtung Übung Armee Nordkorea

Властодржецот Ким Јонг Ун

Ким Јонг Ун со своите закани реагираше на вчерашното испраќање на два американски авиони со невидлива стелт-технологија од типот Б-2 во Јужна Кореја. Овој чекор не е само чиста демонстрација на моќ, туку укажува на тоа дека САД сакале да разгорат „атомска војна по секоја цена“, обвинува Северна Кореја. Уште во вторникот Пјонгјанг се закани со напади и наводно ги ставил во состојба на готовност вонредните единици на сите сили за безбедност.

Американскиот министер за одбрана Чак Хејгл го повтори ветувањето на САД за воена поддршка на Јужна Кореја. Вашингтон мора да биде подготвен за „секоја евентуалност“, изјави Хејгел во Вашингтон.

Затегнатоста во регионот се зголеми откако Северна Кореја на 8. март, како реакција на заострувањето на американските санкции по еден подземен атомски тест, го анулираше пактот за ненапаѓање со Јужна Кореја. Претходно комунистичкиот режим веќе им се закани на САД со атомски напад.