1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пјонгјанг повторно ги крева тензиите во регионот

Северна Кореја соопшти дека е подготвена за лансирање на спорната ракета-носач на сателит. Русија упати остра критика до Пјонгјанг, Кина повика на смиреност.

Русија, поранешен поддржувач на Северна Кореја, денеска го критикуваше планираното лансирање на ракетата-носач која во земјината орбита треба да однесе сателит на Северна Кореја и го оцени како прекршување на резолуциите на ОН. Намерите на Пјонгјанг се пример за тоа дека одлуките на Советот за безбедност на ОН се игнорираат, изјави портпаролот на руското министерство за надворешни работи Александар Лукашевич.

Кина пак, која е главниот сојузник на властите во Пјонгјанг на економски и дипломатски план, го повтори апелот за смиреност. „Кина е загрижена поради развојот на настаните во регионот и апелира до сите страни на смиреност и воздржаност“, изјави портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лиу Веимин.

Подготовките за лансирање на ракетата се завршени

Северна Кореја претходно соопшти дека подготовките за планираното лансирање на ракетата-носач на сателит се завршени. До крајот на денот набљудувачкиот сателит треба да биде инсталиран на ракетата, беше соопштено во Пјонгјанг. 

Рју Кум Чол, висок претставник на свернокорејската агенција за вселенски развој, нагласи дека ракетата ќе биде лансирана според планот во текот на оваа недела, во рамки на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на првиот лидер на Северна Кореја, Ким Ил-Сунг.

„Избравме сигурна траекторија на движење на ракетата“, нагласи севернокорејскиот претставник, додавајќи дека таа ќе прелета над Јужна Кореја, Јапонија и Филипините.

„Предвидено е нејзиниот прв степен да падне на 160 километри источно од брегот на Корејскиот Полуостров, а вториот степен на околу 200 километри од бреговите на Филипините“, истакна Чол.

Севернокорејскиот претставник потенцира дека ракетата „Унха-3“ веќе е поставена на лансирната рампа на полигон на брегот на Жолтото Море и дека во текот на денот на нејзе ќе биде монтиран сателитот за набљудување на Земјата.

Западот се сомнева во тоа дека Северна Кореја всушност сака да тестира интерконтинентална ракета која може да носи атомска боева глава.

Северна Кореја пред нејзините атомски тестови во октомври 2006. и во мај 2009. година исто така тестираше ракети со голем дострел.

Неколку дена пред најавениот старт на севернокорејската ракета со долг дострел, повеќе азиски авиокомпании најави промени на рутите на летање во регионот.