1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пјонгјанг неуспешно ја лансираше спорната ракета

Северна Кореја, наспроти острите меѓународни критики се обиде да лансира ракета со голем дострел. Властите во Пјонгјанг потврдија дека обидот бил неуспешен

Лансирањето на спорната севернокорејска ракета со голем дострел, кое со денови создаваше тензии во регионот, не успеало. Најнапред за неуспешниот старт на ракетата, која според наводи на Пјонгјанг требаше да однесе сателит во вселената, соопштија соседните земји, Јапонија и Јужна Кореја, како и претставник на американската влада.

Јапонскиот министер за одбрана Наоки Танака изјави дека летечки објект од Северна Кореја по една минута летање се урнал во море.

Јужнокорејската новинска агенција Јонха, повикувајќи се на воени извори јави дека делови од ракетата најверојатно се урнале на околу 200 километри јужно од пристанишниот град Кунсан, во јужна Кореја.

Во меѓувреме и самите власти во Пјонгјанг ги потврдија ваквите извештаи.

„Сателитот не стигна во вселената, како што беше планирано“, јави државната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА. Причината за неуспешниот старт засега е непозната.

Nordkorea blamiert sich bei seinem Raketenstart

t

САД, Јапонија, Јужна Кореја и други држави уште претходно остро го осудија лансирањето на ракетата, означувајќи го како провокација и закана за регионалната безбедност. Тие се сомневаат дека зад стартот се крие всушност тест на интерконтинентална ракета со потенцијал да носи атомско боево полнење, која би можела да стигне до Аљаска. Властите во Северна Кореја пак, тврдеа дека со ракетата во вселената треба да биде пренесен метеоролошки сателит.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле критикуваше дека Пјонгјанг „флагрантно ги прекршува меѓународните обврски“. Тој во Њујорк побара „јасен одговор“ од страна на Советот за безбедност на ОН за оваа повреда на меѓународното право. Советот најверојатно уште денеска ќе се позанимава со постапката на Северна Кореја.

Лансирањето на ракетата се совпаѓа со консолидацијата на моќта на новиот лидер во Пјонгјанг, Ким Јонг Ун, кој на крајот од минатата година го наследи неговиот починат татко Ким Јонг Ил. На конференција на владејачката Комунистичка партија во средата тој беше назначен за Генерален секретар и со тоа практично лидер на партијата. Денеска во Пјонгјанг започнува годишното собрание на севернокорејскиот парламент на кое Ким Јонг Ун по се’ изгледа и официјално ќе биде назначен за шеф на државата.