1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пфалс уапсен – ќе бидат ли расветлени големите корупциски афери во Германија?

Пет години Лудвиг-Холгер Пфалс, некогашен државен секретар во Министерството за одбрана, беше недостапен за германското правосудството. Вчера тој беше уапсен во Париз. Германија ќе побара израчување и од неговите искази се очекуваат сознанија за повеќе големи афери во кои беше замешан.

Лудвиг-Холгер Пфалс

Лудвиг-Холгер Пфалс

Пфалс е под сомневање за вмешаност во афери со подмитување кои досегнуваат до највисоки нивоа на тогашната влада на канцеларот Хелмут Кол и на германската индустрија за одружје. Него го сметаат за клучна фигура во таканаречената донаторска афера на ЦДУ.

Денес 62-годишниот Лудвиг-Холгер Пфалс исчезна во 1999-та година, откако беа обелоденети сомневањата за корупција во врска со испораката на 36 оклопни возила од типот “фукс” на Саудиска Арабија. Како државен секретар во Министерството за одбрана тој наводно успеал да ја протурка зделката дури и спротивно на волјата на тогашниот министер за надворешни работи Ханс-Дитер Геншер. За тоа добил мито од 1,9 милиони евра од лобистот во трговијата со оружје Карл-Хајнц Шрајбер.

Пфалс е осомничен за подмитување и во таканаречената “афера Лојна”. Тој наводно извршил влијание во спорната продажба на таа рафинерија од некогашната Германска Демократска Република на францускиот петролејски концерн “Елф Акитен”, трансакција во која се исплатени илегални провизии во износ од 36 милиони евра.

Во аферите со Пфалс, некогашен шеф и на Сојузната служба за заштита на уставот, се вмешани и германските концерни од воената индустрија. Тој беше советник во Мерцедес-Бенц, а од 1995-та година до избивањето на виделина на махинациите и неговото преминување во илегала беше раководител на претставништвото на таа фирма за Источна Азија во Сингапур. Иако договорено уште на крајот на 1990-та година, тој стапил на работа во Мерцедес-Бенц дури на почетокот на 92-ра. Од упатени кругови се вели дека тогаш од интерес на концернот било Пфалс подолго да остане во Министерството за одбрана како државен секретар, поради проектот на борбен авион “Ловец 90”, кој се наоѓал во развојна фаза и бил крајно спорен во владата на Кол. Во проектот учествува фирма од концернот.

Јавното обвинителство од Аугсбург ќе побара израчување на Пфалс, кому ќе му се суди во тој град. Со оглед на очекувањата од неговите искази, заменикот-шеф на фракцијата на Зелените во Бундестагот Ханс-Кристијан Штребеле побара обнова на парламентарната Истражна комисија за донаторската афера на ЦДУ, зашто се верува дека дел од парите од илегалните провизии завршиле на тајните сметки на партијата во странство. Претседателот на Комисијата, социјалдемократот Фолкер Нојман, смета дека засега се’ уште нема повод за тоа.