1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин ја зацврстува сопствената власт

Владимир Путин направи уште еден чекор за и натаму да ги држи уздите на власта во Русија. Беше избран за претседател на партијата „Единствена Русија„.Коментар на Херман Краузе.

default

Аплаузи за новиот партиски шеф Владимир Путин

На 8 мај, на денот кога на должност ќе стапи новиот претседател Дмитриј Медведев, Путин од парламентот ќе биде избран за нов премиер. Што останува да прави Медведев? Искрено – малку.

Беше тоа собир кој имаше малку заедничко со партиски конгрес. Немаше спорење, ниту дебата, ниту програма. Имаше само интронизација и аплаузи. Оној што всушност требаше да замине го доби жезлото на власта. Владимир Путин е новиот шеф на партијата што самиот ја основа и која сега треба да му помогне да ја зацврсти власта како премиер.

На 7 мај завршува неговиот мандат како претседател, меѓутоа, Путин не сака да попушти. Тоа што сега е на чело на партијата „Единствена Русија„ го прави многу силен во претстојната битка за власт. Вчудовидучки е притоа големиот број на оние што на партискиот конгрес учтиво се поклонуваа – во Русија царот секогаш има право, сеедно што прави. Немаше никаква критика од страна на делегатите кон новиот шеф. Напротив, беа поканети само послушните. Оној што денес во Русија јавно критикува, не само што го ризикува животот, туку и професијата и работата. Оној што во иднина ќе мрмори за партијата „Единствена Русија„, тој го критикува и Путин, па затоа молчењето и гледањето настрана повторно станаа филозофија за преживување. Бруталноста на рускиот неокапитализам одамна стигна во политичките сценарија. Парите го владеат светот, посебно во Русија.

Откако Путин сега е избран за претседател на партијата, Дмитриј Медведев тешко ќе може да се ослободи од стегите на неговиот претходник. Путин е насекаде. Неговите пријатели одвај ќе му дозволат на Медведев да влече либерални потези. А, само силен претседател во Русија е добар претседател. Слабости не се простуваат. Значи, Медведев ќе мора краткорочно или долгорочно, да бара конфликт, но притоа одвај ќе може да победи.

Чудно е и тоа, што Путин не стана член на партијата, туку како претседател останува непартиец. Сосема единствена конструкција. Можно е да влезе во неа дури откако нема да биде претседател на државата, но тоа Путин јасно не го соопшти.

Да се чека на новиот претседател, се вели сега во Москва, но веќе е јасно дека Медведев нема да стане храбар, извонреден политичар. Многу повеќе, марионета во служба на вистинскиот шеф во сенка.

Херман Краузе

Поврзана содржина