1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин ја губи поддршката во Русија

Владимир Путин не ги исполни високите позитивни очекувања од неговото претседавање. Многу Руси се разочарани. Речиси секој четврти гледа влошување во својата економска состојба.

Една година по претседателските избори, во Русија паѓаат процентите на поддршка за поранешниот и сегашен шеф во Кремљ – Владимир Путин. Тоа го покажува актуелната анкета „Дојче веле тренд – Русија“ за месец април 2013 година. На барање на руската редакција во Дојче веле, украинската канцеларија на Институтот за истражување на јавното мислење ИФАК анкетираше 1.000 лица на возраст меѓу 18 и 65 години. Истражувањето е направено во руските градови со повеќе од 50.000 жители.

54 проценти од анкетираните својот глас, на претседателските избори во март 2012 година, го дале за Владимир Путин. 27 проценти изјавиле дека гласале против него. Една година подоцна се покажува дека само половина од Русите (51 процент) сметаат дека повторниот избор на Путин и’ донел добро на земјата. Незадоволен од повторното враќање на Путин во Кремљ е секој трет Русин (30 проценти). Во април 2012 година речиси две третини, или 73 проценти, очекуваа враќањето на Путин во Кремљ да и’ донесе добро на земјата. Тогаш за негативни ефекти се изјаснија само 15 проценти. На тој начин бројот на разочарани луѓе значајно порасна. Позитивните очекувања пред една година кај многу Руси беа поради впечатокот за слабо претседавање на Дмитри Медведев.

Bildergalerie Russland Demo gegen Putin in Moskau

Демонстрации против Путин во Москва

По една година од третиот мандат на Путин како претседател, значаен дел од населението има впечаток дека личната финансиска состојба се развила негативно. Така сметаат 23 проценти, според кои личната финансиска состојба во минатите 12 месеци се влошила. Само 19 проценти гледаат подобрување, а 56 проценти не препознаваат некаква промена.

Пред се’ постарите луѓе воочуваат влошување на состојбата. Додека во групата од 18 до 29 години само 12 проценти одговориле дека нивната финансиска ситуација се влошила, таквото мислење го имат 31 процент од оние кои се на возраст меѓу 50 и 60 години.

Позитивни резултати Путин има во билансот на надворешната политика. Само пет проценти воочуваат влошување на германско-руските односи. 37 проценти сметаат дека во односите ништо не е променето, додека 23 проценти зборуваат за нивно подобрување. Исто така, во малцинство се оние кои гледаат влошување во односите на Русија со ЕУ, НАТО, но и со соседните држави Грузија, Украина или Белорусија. Според гледиштето на руските граѓани, односот со САД воопшто не страдал од владеењето на Путин. Сепак, 15 проценти од популацијата сметаат дека се гледа влошување во односите со САД, додека 11 проценти зборуваат за подобрување.

Како и да е, овој резултат треба да се прими со резерва, бидејќи во просек една третина од анкетираните нема мислење за надворешно-политичките односи. Тоа е знак дека за многу Руси надворешно-политичките односи на нивната земја не играат никаква голема улога.