1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин: Сноуден е во Москва

Американскиот поранешен службеник на тајните служби Едвард Сноуден се наоѓа во Москва, изјави рускиот претседател Владимир Путин, кој се надева дека поради случајот нема да страдаат руско-американските односи.

Едвард Сноуден се наоѓа во транзитниот дел на московскиот аеродром „Шереметјево“, изјавил Путин за време на прес-конференција во финскиот град Хелсинки, како што пренесува новинската агенција Интерфакс.

Пристигнувањето на 30-годишниот Сноуден за Русија било целосно изненадување:

„Се надевам дека случајот нема да ги наруши односите меѓу Русија и САД. Колку побрзо Сноуден ќе ја избере целта кон која ќе патува, толку подобро за него и за Русија“, изјави Путин.

Руските тајни служби според него не соработувале со Сноуден.

Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергел Лавров демантираше руско учество во бегството на Едвард Сноуден од Хонгконг. Сноуден никогаш не ја преминал официјално руската граница, а за транзитниот простор на аеродромот Москва-„Шеремејтево“ не е потребна руска виза, изјави тој.

Во Москва проструија информации дека Сноуден сака да патува преку Куба кон Еквадор, каде побара политички азил. Интернет платформата Викиликс, која го поддржуваше Сноуден при бегството пред американските власти, изјави дека информатичкиот експерт се наоѓа на безбедно.

САД ги обвинија Кина и Русија за поддршка на поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност, обвинет за разоткривање на тајните програми за надзор на јавните комуникации од страна на владата во Вашингтон, Призма.