1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин: Сакате пак да се греете на дрва?

Владимир Путин е во посета на Германија, но тој ја разбранува јавноста уште пред доаѓањето во Берлин. Пред неколку дена ја изнесе идејата за слободна економска зона, од Лисабон до Владивосток. Дали таа може да заживее?

default

Путин како европски визионер

Владимир Путин ја почна посетата на Берлин со говорот на финансискиот конгрес, во организација на весникот „Зиддојче цајтунг“. Пред врвните претставници од бизнис-светот, рускиот премиер се пожали дека Европа ги блокира руските инвестиции. Како пример тој го посочи пропаднатиот договор за преземање на германскиот авто-производител „Опел“ од канадскиот доставувач на делови „Магна“ и руската „Сбербанк“. „Руските инвеститори често наидуваат на затворени врати во ЕУ“, критикуваше Путин.

Тој исто така говореше и за меѓусебната зависност на ЕУ и Русија, кога е енергијата во прашање. „Не знам со што сакате да се греете. Не сакате атомска енергија, не сакате гас. Да не сакате повторно да се греете на дрва? Дури и за тоа ќе треба да се оди на Сибир“, рече Путин во Берлин, кој попладнево (26.11.) ќе оствари средби со германската канцеларка Ангела Меркел, министерот за економија Рајнер Бридерле, како и со делегација бизнисмени.

Меркел скептична, бизнисмените воодушевени

Bundeskanzlerin Angela Merkel Wladimir Putin Berlin

Путин ќе се обиде попладнево да го омекне ставот на Меркел

Со цел поголема економска соработка меѓу Русија и земјите од ЕУ, рускиот премиер во весникот „Зиддојче цајтунг“ ја изнесе идејата за формирање слободна економска зона, што ќе се протега од Лисабон до Владивосток, со можност за натамошни форми на интеграција. „Ако сакаме да бидеме успешни, ако сакаме да бидеме конкурентни, тогаш приближувањето меѓу Европа и Русија е неизбежно“, порача денеска Путин во говорот пред раководни кадри на германското стопанство во Берлин.

Германската канцеларка Ангела Меркел генерално го поздрави предлогот на Владимир Путин, но остана скептична. Русија претходно мора да исполни одредени услови, како на пример членство во Светската трговска организација, нагласи шефицата на германската влада: „Се разбира дека ја поддржуваме идејата за слободна трговска зона меѓу ЕУ и Русија. Меѓутоа, сепак морам да укажам на последните чекори на Русија, кои не укажуваат на таа намера.“

Меркел притоа мисли на царинската унија што Русија ја има склучено со Казахстан и Белорусија. Германската канцеларка го критикуваше тоа што Русија често знае ненадејно да ги зголеми увозните даноци и ретко кога повторно ги намалува.

Германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, пак, го поздрави предлогот на рускиот премиер. „Тоа уште еднаш покажува колку се блиски нашите стратешки интереси“, вели Вестервеле во денешното издание на „Зиддојче цајтунг“.

За стратешки интереси говори и Одборот за Источна Европа на Здружението на германските претприемачи. Слободна трговска зона меѓу Русија и ЕУ би била „сон“ за германските претпријатија, истакна претседавачот со Одборот, Клаус Манголд. Со 140 милиони жители во Русија и уште триесетте милиони од Казахстан и Белорусија, би се отворил огромен нов пазар за германските претпријатија, додава поранешниот член на управниот одбор на фирмата „Дајмлер Бенц“.

Путин повторно испровоцира

Russland Präsident Wladimir Putin und Dmitri Medwedew

Конкуренти или добро уиграни сојузници?

Предлогот на Владимир Путин за слободна економска зона од Лисабон до Владивосток не ги изненади само европските партнери, туку и аналитичарите во самата Русија. Путин во улога на европски визионер - тоа е ново за него, вели Владислав Белов, експерт за германско-руските односи. Тој, сепак, нагласува дека идејата на рускиот премиер се однесува единствено на соработка во економијата, образованието, безвизното движење на граѓаните, но не и на меѓусебна споделба на останатите вредности: „Путин не кажува ниту збор за демократијата, демократските вредности, кои исто така треба да бидат составен дел од едно партнерство за модернизација. Неговата програма се однесува само на економијата.“

Путин сакаше да испровоцира и повторно му успеа, велат аналитичарите. Тој уште еднаш покажа дека располага со политичка моќ и дека неговиот збор има тежина. Тоа е, пред се`, внатрешно-политички многу важно за него, со оглед на тоа што сака повторно да се кандидира за претседател на изборите во 2012 година. Актуелниот претседател, Дмитри Медведев, пред неколку дена го критикуваше политичкиот систем на Русија и политичката партија на Путин. Затоа предлогот на премиерот може да се смета како одмазднички чин, бидејќи надворешната политика е, всушност, надлежност на претседателот, потсетуваат познавачите на состојбите во Русија. Меѓутоа, и тука изгледот лаже. Наводната конкуренција е најверојатно повторно инсценирана. Путин и Медведев и овојпат функционираат како тандем, со претходно договорени позиции.

Автор: ТТ/ ЕМФ/ дпа/ ројтерс/ дв

Редактор: Александра Трајковска